Севернокорејскиот лидер Ким Jонг-ун го надгледуваше тестирањето на самоубиствените беспилотни летала и нареди масовно производство на оружје, велејќи дека распоредувањето на такви беспилотни летала ширум светот бара итно ажурирање на воената теорија, објавија денес јужнокорејските државни медиуми.
Ким претходно го надгледуваше тестирањето на самоубиствените беспилотни летала, по брзиот развој на воената соработка со Русија. Ваквото оружје нашироко се користи во војната во Украина, како и на Блискиот Исток.
– Ким ја истакна потребата да се изгради систем за масовно производство што е можно поскоро и да се влезе во целосни масовно производство – објави државната новинска агенција „КЦНА“, пренесе „Ројтерс“.
Севернокорејскиот лидер рече дека конкуренцијата во употреба на беспилотни летала за воени цели се забрзува низ целиот свет и дека војската веројатно ќе го препознае нивниот успех во конфликти од различни размери.
– Ваквата објективна промена бара итно ажурирање на многу делови од воената теорија, практика и образование – ги цитира агенцијата „КЦНА“ зборовите на Ким.
Северна Кореја веќе испрати беспилотни летала преку границата со Јужна Кореја, кои летаат со часови над клучните области, вклучувајќи го главниот град Сеул и зоната на забранети летови околу канцеларијата на јужнокорејскиот претседател.
Ова ја поттикна Јужна Кореја да распореди оружје за соборување на севернокорејски беспилотни летала.
Северна Кореја и Русија неодамна го ратификуваа сеопфатното стратешко партнерство што нивните лидери го потпишаа во јуни, кое вклучува меѓусебен одбранбен пакт.
Истовремено, Северна Кореја ги распореди своите трупи на руските боишта во Украина, а јужнокорејските и американските власти соопштија дека севернокорејските војници учествувале во борбите против Украина заедно со руските сили.