фото: М.Т.

Две години трае проектот „Македонијо во срце те носиме“, а неговата завршница ќе се случи на 7 декември во големата сала на Македонска филхармонија, каде сите учесници ќе настапат во придружба на Симфониски оркестар. Ќе бидат изведени 12 песни, кои беа исполнети и на 18-те концерти низ земјава, како и три нови преработки. Познатиот музичари и композитор Никола Мицевски веќе ги прави оркестрациите за песните, а со оркестарот ќе диригира Сашо Татарчевски. Концертот ќе се снима и видео и аудио, билетите веќе се пуштени во продажба, а собраните пари ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

– Ретко се случува македонски патриотски рефрени да се изведуваат во придружба на Симфониски оркестар. Овој проект за мене, за Бојана и за сите со кои соработувавме, беше голем предизвик. Чест е да се прави нешто добро за Македонија. Срцето ми беше полно кога во сите градови каде настапувавме гледав како луѓето, особено младите, ги пеат со нас песнеите – изјави Васко Скендеровски, првиот човек на „Скендеровски продукција – на неодамнешата прес-конференција.

фото: М.Т.

За Никола Мицевски, правењето на оркестрациите за концертот е голем предизвик и одговорност, но истовремено и големо задоволство.

– За мене е ова голем предизвик, а одговорноста за ваков тип на проекти е секогаш голема. Сите, во изминатиот период бевме сведоци на одличните концерти низ Македонија на кои присуствуваа голем број луѓе. Сите ги пееја патриотските рефрени, а тоа и беше целта на проектот, да се вратат, популаризираат, обнародат некои патриотски теми. И мали деца ги пееја „Заветна“, „Едно име имаме“, „Народе македонски“ и сите други. На 7 декември ќе се случи заокружување на овој проект. Сигурен сум дека ова ќе бдие голем концерт, што многу ќе значи за македонската музика – вели Никола Мицевски.

Сите пејачи кои беа дел од караваните низ земјава, ја истакнаа убавата атмосфера и дружбата меѓу учесниците.

– Секогаш ќе ги паметам убавите работи од овој голем проект, со единствено име „Македонијо во срце те носиме“. За мене најважно е што сите станавме како семејство, што разбудивме убави чувства кај сите што доаѓаа на нашите концерти и горда сум на сите учесници – вели Бојана Скендеровски.

И ветераните на народната музика Зуица Лазова и Миле Кузмановски изјавија дека 18 незаборавни концерт се зад нив и сигурни се оти еден ден овој проект ќе биде историја. Особено по настапот со Симфонискиот оркестар во Македонска филхармонија.

За младите пејачи Александар Тарабунов и Огнен Здравковски концертот на 7 декември ќе биде убаво финале на сѐ што претходеше и драго им е што со своите настапи ќе ги овековечат македонските патриотски рефрени за идните генерации.

М.Т.