floods in Spain
Фото: ЕПА

Поплави денеска го погодија главниот град на североисточниот шпански регион Каталонија, Барселона и околината, поради што железничкиот сообраќај беше прекинат, а летовите на авионите беа откажани и одложени – пренесува „Танјуг“.

Во Каталонија е во сила црвен метео аларм – објави Паис. Аеродромот Ел Прат во Барселона беше поплавен, предизвикувајќи откажување и одложување на летовите, додека 17 беа пренасочени, а брзите возови меѓу каталонската престолнина и градот Тарагона беа прекинати.

Силни дождови и ветрови утрово ја погодија Тарагона, а потоа ги зафатија и крајбрежните региони на Барселона.

Автопатот кој минува низ Тарагона е поплавен, како и автопатиштата на јужните приоди кон Барселона.

Во Барселона наврнале 180 литри дожд на метар квадратен. Наставата во сите училишта и универзитети во Каталонија денеска е прекината, а на луѓето им е препорачано да работат од дома доколку можат.

Издадено е предупредување за поплави за жителите на каталонската престолнина, како и за 800.000 жители на регионот што граничи со Барселона.

Според последните податоци, 217 лица загинаа во катастрофалните поплави кои минатата недела го погодија југоисточниот дел на Шпанија, а најмногу настрада регионот на Валенсија.

Само неколку дена откако катастрофалните поплави во Валенсија однесоа најмалку 217 животи, обилните дождови продолжуваат да предизвикуваат хаос во Шпанија со поплави во градовите Аликанте и Алтеа во југоисточната провинција Аликанте.

Локалните власти во Алтеа ги извршија своите први спасувачки операции, вклучително и спасување на маж заробен во неговиот автомобил под подвозник, а локалните жители и туристите беа предупредени и апелирани да бидат внимателни и подготвени – пишува порталот „Евронеделник њуз“.

Врнежите во Алтеа надминаа 28 литри на метар квадратен за само пет минути, што ги натера локалните власти да преземат екстремни мерки на претпазливост како забрана за пристап до областите со висок ризик и апел до населението во Марина Баиша и Марина Алта да биде „крајно претпазливо“.

Лошото време во овие делови на Шпанија е продолжение на метеоролошкиот феномен ДАНА, кој најчесто се јавува на почетокот на есента или на крајот на пролетта како изолирана бура на високи атмосферски нивоа формирана под влијание на студениот воздух во Медитеранската област.