Фото: Ајта

Споменикот на слободата е монументален споменик во Кочани, изграден на ридот Локубија, на северозападната страна на градот. Споменикот е голем комплекс од отворени ѕидни конструкции, на кои се применети мозаици на Глигор Чемерски. Прогласен е за културно наследство на Македонија

Знаменитостите на Македонија

Споменикот е граден во периодот 1975-1977 година, од страна на тогашното Собрание на Општина Кочани. Преку самоуправна спогодба биле собрани финансиски средства за таа намена, а на распишаниот јавен конкурс за уметничко и архитектонско решение се јавиле повеќе автори. Комисијата го избрала уметничко-архитектонското решение на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ.
Во 1981 година споменикот бил целосно завршен, а на 28 ноември 1981 г. (Денот на Републиката) со голема свеченост и присуство на граѓани, гости, уметници од културата, политичари и други, бил предаден во употреба.
Со неговата изградба Кочани, па и Македонија се збогатени со едно уметничко ремек-дело. На 335 квадратни метри мозаичен приказ е крунисана и овековечена историската борба на македонскиот народ за слобода, од илинденскиот период, па до НОВ. Посебно во споменикот со пиетет се ставени имињата на загинатите борци во НОАВМ од Кочани и Кочанско.
Покрај историската и уметничка вредност, споменикот има и употребна вредност со изградената амфитеатрална сцена, која се користела за свечености, театарски претстави и за други собири. Споменикот е прогласен за споменик на културата и како таков е влезен во регистарот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.

Фото – Рашо мк 1

Глигор Чемерски

Чемерски е еден од позначајните современи македонски уметници. Неговиот стил е инспириран од експресионизмот и православните икони. Неговото творештво е богато, тој ги изработил мозаиците во Стопанска банка (1971) и на Споменикот на слободата во Кочани (1981).
– Чемерски го напаѓа секое платно како мечувалец, он го боде со заглушувачки удари сè додека ликовите и облиците не се изнедрат под валкањето на четката – истакнал Ентони Ф. Јенсен.
Чемерски имал голем број самостојни изложби во Македонија и во странство. Во декември 2014 година, во галеријата на руската академија на уметноста „Зураб Цератели“ во Москва била отворена неговата самостојна изложба „Настани и знаци на земјата македонска“. Изложбата била поставена во чест на неговата инаугурација во почесен член на руската академија на уметностите „Императорска“, а на неа биле изложени 43 дела од различни периоди на творештвото на Чемерски. Починал во Скопје на 2 април 2016 година. Д.Ст.