Семејството е засекогаш семејство

Поширокото семејство може да му обезбеди сигурност, поврзаност и доследност на детето за време и по разводот. Третирањето на разводот како крај и промена во структурата на семејството е корисно за детето. Преобликувајте ги улогите и поставете граници за поширокото семејство за да ја одразат промената во динамиката по разводот

Кога ќе помислите на развод, што ви паѓа на памет? За повеќето луѓе во брак, тоа е веројатно крајот на романтичното партнерство. Можеби нема да се фокусирате на вашето пошироко семејство додека не мора да му ја соопштите веста, а ако имате силни врски со членови на поширокото семејство, можноста да ги изгубите може да донесе дополнителна тага. Од друга страна, ако вашата врска не е блиска, ќе почувствувате олеснување. Сепак, вистината е дека разводот не е само за партнерот и поделбата на имотот, има уште многу нешта што првично не паѓаат в очи.

Фокусирајте се на децата

Кога детето е оставено само за време на стресен, застрашувачки или збунувачки период на развод, има поголема веројатност да доживее долготрајна траума. Меѓутоа, ако вашето дете се чувствува поддржано во заедница на блиски роднини, може да стекне сигурност, поврзаност и доследност. Давањето приоритет на тековната врска со баба и дедо, на пример, може да му обезбеди на детето поширок опсег на животни искуства, што, пак, може да му помогне да развие емпатија и други социјални вештини што ја зголемуваат самодовербата. Поради овие причини поздраво е разведените парови со деца да го третираат разводот помалку како крај, а повеќе како промена во семејната структура. Ова може да звучи како недостижна цел – среде сите емоции и промени на разводот, тешко е да се управува со уште една динамика во врската – но ќе има смисла не само за вашето дете туку и за сите вклучени.

Преобликување на улогите

Без разлика дали сте лути на некои членови на поширокото семејство или чувствувате олеснување што тие се тука за вас, корисно е да ги преуредите нивните улоги во поддршката на вашето дете. Најдобро е да го направите тоа веднаш штом ќе започне разводот за да можете да го оставите минатото зад себе и да гледате во иднината. Првиот чекор е да размислите како сакате да ги преобликувате улогите. Ценете го фактот дека, дури и ако тие повеќе не се ваше семејство, поширокото семејство сè уште е семејство на вашето дете и важен дел од неговата заедница. Следниот чекор е да разговарате за тоа со бабите и дедовците.
– Одржувањето на односите секогаш треба да се прави со заемна согласност и јасни насоки за да се избегне конфликт. Ако е вклучен и вашиот партнер – родител, можете да испратите порака или да се обратите телефонски кон семејството на поранешниот брачен другар како начин дека ја почитувате промената на улогата и да ја нагласите врската во која сега преминувате со нив. Тоа е одличен начин да се прошири маслиновото гранче и може да ја намали напнатоста – вели Ауриша Смоларски, брачен и семеен терапевт за магазинот „Сајколоџи тудеј“.

Поставете граници

Како што генерално ги преобликувате улогите, исто така ќе сакате да идентификувате јасни граници што ги одразуваат тие нови улоги. Прво, зборувајте за границите што вие и вашиот партнер што се разведува сакате да ги поставите додека се одвојувате од семејството. Запрашајте се што е правилно и погрешно во вашата нова семејна структура. Кои се предностите/недостатоците на нашето дете да одржува врски со поширокото семејство? Кои се предностите/недостатоците од одржувањето на врската со членовите на семејството на поранешниот сопружник?
Определете на што ќе се однесуваат вашите граници. На пример:
– семејни собири, вклучувајќи родендени и празници;
– посети на поширокото семејство;
– кој треба да се отстрани од групните разговори;
– како ќе се споделуваат слики и други вести поврзани со децата;
– очекувања и основни правила околу поддршката во грижата за децата;
– како да се осигурите дека поширокото семејство не зазема страна.

Подобрете ја комуникацијата

Високото ниво на конфликт меѓу партнерите може да ги наведе да забранат каков било контакт со поширокото семејство. Без таа екстремна граница, недостигот од отворена и почитувана комуникација може да му отежне на нивното дете да ги одржува овие односи или слободно да зборува за своето време со поширокото семејство. Исто така, може да го стави детето на средина, додавајќи стрес и штета. Важно е да запомните дека вие го поставувате тонот и ја одредувате комуникацијата. Начинот на кој зборувате еден за друг ќе влијае на тоа како вашите родители гледаат на вашето ново семејство со два дома, па дури и на тоа како тие се чувствуваат за одржување на врската со нивната поранешна снаа или зет. Нормално е родителите на некој што се разведува да застанат на страната на своето дете. Меѓутоа, ако вие како родители меѓусебно се почитувате и сте отворени и имате разбирање за соодветните граници, испраќате порака дека и другите треба да го сторат истото тоа.

Мариота Влаисављевиќ