Фото: Министерство за спорт

Министерот за спорт Борко Ристовски доби признание од Европската атлетска асоцијација (ЕАА), како и од Атлетската федерација на Македонија (АФМ) за посветеност на спортот и поддршка на атлетиката. Европското признание на министерот Ристовски му го врачи претседателот на ЕАА, Добромир Карамаринов, на свечената церемонија во рамките на Конвенцијата на ЕАА што се одржува во Скопје.

– Со особена чест и гордост ги примив признанијата од ЕАА и од АФМ за безрезервната поддршка на атлетиката. Благодарност до претседателот на ЕАА, Добромир Карамаринов, и до претседателката на АФМ, Александра Војнеска-Зикова, кои во Министерството за спорт препознаа вистински партнер. Овие награди се доказ за заедничката работа, напорите и визијата за подобра иднина на македонската атлетика. Како министер за спорт секогаш ќе бидам на страната на спортистите и ќе се залагам за зајакнување и афирмација на спортот во Република Македонија – истакна Ристовски.

Министерството за спорт е генерален покровител на Конвенцијата на ЕАА што се одржа во Скопје. Во рамките на овој значаен атлетски настан, на кој Македонија за првпат е домаќин, утре во Националната опера и балет ќе се одржи престижната манифестација „Златни патеки Скопје 2024“, на која ќе им бидат доделени наградите на најуспешните во атлетскиот спорт од Европа. Специјален гостин на манифестацијата ќе биде претседателот на Светската атлетска асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, Себастијан Коу, информираат од Министерството за спорт. Г.И.