Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја потврди дека четири лица загинале, а 14 се повредени во терористичкиот напад во областа Кахраманказан, предградие на Анкара. Во акцијата која следеше неутрализирани се и двајца напаѓачи.
– Го осудувам овој грозоморен напад. Нашата борба ќе продолжи со истрајност и одлучност додека не се неутрализира и последниот терорист – рече тој.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, го осуди нападот и потврди дека загинаа четири лица.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази загриженост поради бројот на жртвите и рече дека НАТО стои покрај својот сојузник Турција.
– Загрижувачки се вестите за загинати и повредени кои доаѓаат од Анкара. НАТО стои до нашиот сојузник Турција. Силно ги осудуваме сите форми на тероризам и внимателно го следиме развојот на настаните – напиша Руте на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и му ги пренел пораките за поддршка на НАТО.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази сочувство до Турција по терористичкиот напад врз фабриката на Турската воздушна и вселенска индустрија (ТУСАШ) во Анкара.
– Очекуваме информации, но го осудуваме овој напад врз цивилите. Испраќаме сочувство до семејствата на жртвите и се надеваме на целосно закрепнување на повредените – изјави за Анадолија заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак во име на Гутереш.
Според последните информации од турските медиуми, двајца терористи се неутрализирани, додека третиот напаѓач наводно држи работници во заложништво во фабриката. Ситуацијата и понатаму е напната, а безбедносните сили се во состојба на готовност. Во областа се испратени безбедносни сили, пожарникари и брза помош. Пријавено е дека персоналот на одбранбената фирма е испратен во засолништа од безбедносни причини.
Обвинителството во Анкара, исто така, започна истрага за терористичкиот напад.
Што е ТУСАШ, комплексот во Анкара кој го нападнаа терористите
ТУСАШ е државна компанија за оружје и авио-технологија со седиште во близина на Анкара. Оваа компанија произведува воени и цивилни авиони и хеликоптери, како и системи за беспилотни летала за турските вооружени сили и за странски пазари.
Според официјалниот веб-сајт, ТУСАШ е основана за да ја намали зависноста на Турција од увоз на авио-технологија за воени потреби.
Како членка на НАТО, Турција ја определи компанијата како лиценциран производител на американските борбени авиони Ф-16, а исто така има важна улога во модернизацијата на постарите авиони за потребите на турската војска.
Главни сопственици на оваа компанија се турските вооружени сили и цивилната агенција на турската влада.