Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Славјанка Станоевска Стојковски, гинеколог

Вагиналниот епител е обложен со повеќеслоен сквамозен епител во репродуктивната доба на жената под дејство на естрогените. Вредноста на pH на вагината вообичаено е од 3,5 до 4,5 со лактобацили како доминантен микроорганизам. После менопауза и пад на ноивото на естрогени вагиналниот епител атрофира, се алкализира pH вредноста (7) и се намалува бројот на лактобацили, а вагината се колонизира со микрофлора од кожата. Физиолошкиот исцедок се менува со промена на хормонскиот статус во тек на менструалниот циклус. Вообичаено од бел преминува кон жолтеникав како резултат на оксидација во контакт со воздух. За време на овулација има зголемена мукозна продукција со погуст цервикален чеп под дејство на прогестеронот. Исцедокот главно се состои од мукозни, десквамирани епителни клетки, бактерии (лактобацили) и течност.
Инфекциите може грубо да се поделат на долно и горно генитални инфекции зависно од зафатеноста и од инфективниот причинител.

Долно генитални инфекции

-Вулвовагинална кандидијаза – предизвикана од Candida albicans во 80-92% од случаите. Слични симптоми предизивикуваат и Candida tropicalis, Candida glabrata, Candida krusei, Candida parapsilosis. Candida albicans е диплоидна габа и е чест коменсал во цревната флора. Знаци и симптоми: вулварно чешање и чувствителност, густ сирест вагинален исцедок, диспареунија и дизурија. Исто така може да се јави вулварен едем, вулварни екскоријации, црвенило и еритем. Притоа постои нормална pH на вагина.
Дијагнозата се потврдува со перинеален и/или вагинален брис.
Третман: доколку се работи за асимптоматска инфекција докажана на вагинален брис (30-40%) нема потреба од лекување, вклучително и кај бремени жени. Третманот е со топични имидазоли, за кои примена и во бременост е без штетни ефекти по мајката и плодот. Оралните имидазоли се контраиндицирани во бременост.
-Бактериска вагиноза е честа состојба која се карактеризира со вагинален исцедок со непријатна миризба без видлива инфламација. Настанува како резултат на раст и намножување на анаеробните микроорганизми жители на нормалната вагинална флора со истовремено намалување на бројот на лактобацили. Тоа предизвикува промена во pH вредноста на вагината која станува алкална (4,5-7). Конкретно се работи за следните микроорганизми: Gardnerella vaginalis, Mycoplasma hominis, Bacteroides species и Mobiluncus species. Вообичаено кај жени без клинички знаци за инфекција се изолира Gardnerella spp. и во таков случај треба внимателен пристап во однос на дијагнозата. Знаци и симптоми: вагинален исцедок со непријатен мирис (на риба), асимптоматски носители, засилен исцедок за време на и непосредно по менструација, кремаст или сиво-бел вагинален исцедок честопати атхерентен за ѕидот на вагината.
Третман: Метронидазол ординиран орално или како гел е едноставна и ефективна форма на третман. Се дава како орална доза. Алтернативно може да се лекува со вагинален гел аплициран навечер од 5 до 7 дена. Клиндамицин е исто така ефективен, но нешто поскап. Препорачана е употреба при резистентност на метронидазол.
Бременост и бактериска вагиноза
Присуството на бактериска вагиноза во првиот триместар може да води до абортус во вториот триместар или предвремено породување со компликации. Жените со лшо акушерско минато треба да направат микробиолошки брисеви во рана бременост и при детекција на бактериска вагиноза да се спроведе активен третман на почеток на втор триместар од бременоста. Метронидазолот е безбеден за употреба во бременост, сепак, долготрајни или пролонгирани дози треба да се избегнуваат.
-Сексуално преносливи инфекции: ХПВ (Хуман папилома вирус), Хламидија, Гонореа, Сифилис, Херпес, Трихомониазис, ХИВ/сида.
Вообичаено при детекција на една од нив постои и друга недетектирана, поради што се препорачува да се испитаат сите останати. Тоа е најдобро да се направи во специјализирани установи за сексуално преносливи болести каде што постои мултидисциплинарен пристап и тим кој вклучува советување, подршка и заштита од стигматизација. Ризик фактори за СПИ: повеќе партнери, возраст 15-24 години, бременост пред 20 годишна возраст, анамнеза за прекин на бременост, анамнеза за претходна СПИ, абнормален цервикален цитолошки наод.
Гонореа
Гонореата е сексуално пренослива инфекција предизвикана од интрацелуларен грам негативен диплокок Neisseria gonorrheae. Има афинитет да ги инфицира мукозните мембрани на гениталниот тракт инфицирајќи го кубоидниот или колумнарен епител од ендоцервикалната и уретралната мукоза. Исто така може да ги инфицира ректалните и орофарингеалните мукозни мембрани при анален или орален сексуален однос. Постои значително намалување на инциденцата на гонореа и ова може да биде резултат на рана детекција и третман. И покрај тоа, многу жени и нивните партнери се асимптоматски носители на инфекцијата, а забележана е резистентност на терапија (ципрофлоксацин) кај повеќе од 20% типови.
Сексуално пренослива коинфекција со Хламидија и Трихомониазис е честа појава и може да придонесе за потврдокорна инфекција. Исто така со тоа се зголемува ризикот за асцендентна инфекција предизвикувајќи ендометритис, ендосалпингитис и пелвична инфламаторна болест. Знаци и симптоми: Асимптоматски, зголемен вагинален исцедок со ниско-абдоминална/ карлична болка, ендоцервикален мукопурулентен исцедок и контактно крвавење, мукопурулентен уретрален исцедок, пелвична осетливост при цервикална ексцитација.
Третман: Како сексуално пренослива инфекција е особено важно третман на обата партнери. При третманот неопходно е да се едуцираат и информираат за можните доцни компликации од инфекцијата (хронична пелвична болка, тубарна инфекција и намалена фертилност). Антибиотски третман: Цефалоспорините се лек од прв избор во третманот на гонореа. Докажана е резистентност на пеницилин, ципрофлоксацин и тетрациклин, најчесто како резултат на мутација
на микроорганизмите.
Генитоуринарна Хламидија
Хламидија е интрацелуларна бактерија која го зафаќа колумнарниот епител на гениталниот тракт. Предизвикувач е на една од најчестите сексуално преносливи инфекции. Во повеќето од случаите се работи за асимптоматска инфекција која води кон разорни ефекти на женскиот генитален тракт. Околу 5 до 10 проценти жени на возраст под 24 години се смета дека се носители на инфекцијата и причина за понатамошна реинфекција и трансмисија како резултат на асимптоматскиот тек на болеста
Постојат неколку типови: A-C кои ја инфицираат конјунктивата и предизвикуваат трахом и D-K кои го инфицираат генитоуринарниот систем. Другите како psitachi и pneumonia, ги инфицираат белите дробови и предизвикуваат пневмонија. Постои и lymphogranuloma venereum тип (L1-L3) кој може да предизвика ректална инфекција и проктитис.
Знаци и симптоми: Асимптоматски, вагинален исцедок и долно абдоминална болка, посткоитално крвавење, интерменструално крвавење, мукопурулентен цервикален исцедок при контактно крвавење, дизурија со уретрален исцедок.
Третман: Антибиотски третман: доксициклин, азитромицин, еритромицин, амоксицилин, офлоксацин.
Генерални препораки: да се избегнуваат сексуални односи, вклучително и орални и ректални, пред завршување на третманот на двата партнери; употреба на кондоми за превенција на реинфекција и други сексуално преносливи инфекции; повторно тестирање при сомнеж за некомплетиран третман, минимум 5 недели по отпочнување на третманот; при промена на партнер, повторно тестирање се препорачува во период 3-12 месеци.

Трихомонас вагиналис е протозоа која предизвикува тежок вулвовагинитис. Најчесто се работи за сексуално пренослива инфекција која се повторува доколку не се третира и машкиот партнер. Може да предизвика и инфекција на уринарниот тракт. Знаци и симптоми: вулварна болна осетливост и чешање, пенлив вагинален исцедок со непријатен мирис и жолто-зеленикава боја. Дизурија и абдоминален дискомфорт. Асимптоматски носители во 10-50% од случаите
Третман: Треба да се спроведе кај обата партнери и да се направи скрининг за другите сексуално преносливи инфекции. Метронидазол како единечна орална доза или два пати на ден во времетраење од 5 до 7 дена е многу ефективна терапија со стапка на излекување од околу 95%.