Фото: Маја Јаневска Илиева

Со сведочење на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, во Основен кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Судењето за убиствата почна на 20 септември, кога на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје седнаа првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

На почетокот на сведочењето Зорица Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за свирепото убиство на нејзината 14-годишна ќерка Вања. Потоа таа објасни каде живееле и како го поделиле имотот со поранешниот сопруг Александар.

– Настанот се случи на улица Наум Наумовски Борче бр. 87, два месеци живеевме во тој стан, од 10 септември. Претходно живеев во стан на улица Славе Деловски, кој беше моја сопственост. Станот на Наумовски Борче во моментот беше на Александар, претходно беше мој, татко ми ми го препиша – рече Зорица Ѓорчевска.

Во продолжение таа подолго се задржа на случувањата на кобниот ден.

– Тој ден Вања во 7.20 часот излезе сама за на училиште, јас излегов во 7.40 часот. Тогаш ја видов и пораката од класната дека Вања ја нема на прв час, пораката е во 7.43, а јас ја видов во 7.45 часот. Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна. Локацијата на Гугл покажа дека е некаде на Партизанска. Решив да му се јавам на Александар, му кажав дека Вања ја нема. Рече дека ќе дојде и со Александар отидовме на местото каде што покажа Гугл, ама таму имаше една напуштена куќа. Околу 8.30 часот во полиција направивме пријава и почна потрагата. Пред Соборна црква на клупа, седнав со полицаец, давав податоци, им се јавив на колеги на телефон, да пробаат и тие да ѝ го лоцираат телефонот. Полицаецот предложи да се вратиме дома, да не се вратила случајно, оти таа претходната ноќ се жалеше дека не ѝ е добро. Тогаш се јави помалата ќерка од училиште, сфатила дека Вања не отишла во училиште, почна да плаче и отидов да ја земам од школо – сведочеше Зорица Ѓорчевска.

Таа додаде дека набргу потоа објавила на Фејсбук дека нејзината ќерка е исчезната, со објаснување како е облечена и оставила нејзин број ако некој ја види, да се јави.

-Александар од мене не беше известен дека Миња ќе губи прв час во понеделник, но децата му кажале. Класната на Вања вообичаено известува ако некое дете доцни, но после првиот час. Јас претходната вечер ѝ се јавив на класната во врска со изгубен учебник, па класната ја очекуваше Вања на прв час и затоа ме алармираше по 15 минути – сведочи мајката Зорица.

Според обвинението, на 22.11.2023, обвинетиот Палевски заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.