Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт

Даглас Адамс, британски гениј, вака ме расонува. Надвор времето беше толку заникаде што не заслужува да се нарече време. Затоа ќе го викам Стенли. Стенли е толку одвратен… и јас сум веќе расположен човек подготвен да „ѝ влезам“ на колумната. И при летање со авион, иако тоа ретко ми се случува, патувам со Даглас во раце. Хм, „со Даглас во раце“, звучи некако… не е битно. Седнувам, правам скенирање на стјуардеси, се вљубувам во една од нив, врзувам појас и ја отворам „Долга, темна чајанка на душата“, а таму: „Никој никогаш не рекол, убав како аеродром“. Веќе со следната реченица заоѓам од смеење, а патникот до мене, со страв од летање во очите, си мисли дека сум добил хистеричен напад, па и нему одеднаш му е полесно.

Да не мислите дека имам проблем со времето надвор? Тоа е исто како да имам проблем со женска убавина. Па, есента мириса на женска убавина. Дождот ја влажни природата и таа најпрво се трансформира од зелено во златножолто, а потоа почнува да се соблекува, така што времето надвор веднаш може да го наречам Ингрид Бергман. Зошто Ингрид? Па, таа е Швеѓанка, а јас се чувствувам како Норвежанец кому првата и последна нервоза во денот ќе му биде онаа дека некој несовесен лик ја промашил кантата за ѓубре, па хартијата од изеденото чоколадо, ене го долу, дреме на совршено чистиот тротоар. Го враќам ѓубрето таму каде што му е местото и потоа цел ден на колегите, пријателите и семејството дома им раскажувам каква неверојатна авантура сум доживеал.

Оти, фала му на бога, и тоа се случи. Ми доаѓа да запеам „Цел Нордистан, скандинавска држава“. Па, како? Светот само што не експлодирал, и тоа буквално од пејџер до нуклеарки во најава, ама ние скандинавските нордистанци се расправаме за слогани. Нека си ја мава светот главата со идни војни и кланици како од СФ-филмови, ние сме толку опуштени, оти ги решивме сите проблеми, па сега исправаме „криви Дрини“ за слогани. Восхитен сум! Таму некаде, во белиот свет, живеат јадни народи што здравствени проблеми решаваат со СМС-донации, ама и ние тука се соочуваме со некои заебанции. Да, едно дрво во штотуку посадениот дрворед никна малку накриво.

Ама, па, и не е сè така скандинавски опуштено. Ако сите го дадовте своето мудро мислење околу слоганот на фестивалот „Браќа Манаки“, а веќе се спремате да влезете во фајт со следната тешка дилема, дали е цивилизирано да се прави ајвар пред зграда, при што се очекува врвна експертиза од секој инфлуенсер, нутриционист и лајфкоуч, јас да ве фатам во расчекор и да ви фрлам в лице еден страшно сериозен проблем, кој гласи: „Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт…’

Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, трет обид за атентат врз Доналд Трамп. Само вие мислете си дека ова нема врска со неспособноста на небањатите вмровци. За разлика од вас, јас мислам. И смислив. Прво го рокнаа Дончо во уво. Да беше паметен, а не е, во овој чин ќе најдеше симболика, која гласи: „слушај го народот“. Потоа, некој лик што сака да го рокне Путин поради Украина изгледа сконтал дека не може да стигне до Кремљ, па одлучил да дреме во грмушка каде што Трамп игра голф и оттука да му пресуди. Симболиката гласи: од тебе, брат, американскиот народ, ни голф не би купил, а Камала, не… а камоли, кадилак. По овие два обида, си реков, е ако се случи и трет… и најдоа подметната бомба каде што Трамп требало да држи говор.

Симболика? Не, туку јасна порака. Ти бе, не гледаш дека народ сака да те убие? Е па, не те сакаат бе, човек, откажи се, Камала си ја сакаат. Се обиде ли некој неа да ѝ подметне смисла за хумор во пијачката? Не! Е па, тоа е пораката. Штом трипати пробале да те убијат, не те сакаат, повлечи се и да не трошиме пари на избори, за разлика од тебе, Камала ја сакаат сите водители на дебати, а тие се јавност што значи народ.

Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, третата светска војна некако погласно чука на портите. Сите втренчено гледаме кон Вашингтон, Брисел, Лондон и Москва. Чекаме да видиме дали Западот ќе му даде на Киев „мадафака“ ракети со кои ќе може да рока насекаде низ Русија, по што Москва ќе ги активира своите „бед мадафака“ ракети за да ја ожнее цела Европа. Ние, обичните смртници што немаме „мадафака“ ракети по дома, штом овие се распукаат до крајот на светот и назад, не ни останува ништо друго, освен да фатиме усвет на некоја планина и да се надеваме, ако веќе толку стане нуклеарно гадно, дека може да легнеме врз некоја сосема обична шишарка во која Израелците подметнале сосема обичен експлозив и херојски да си ги скратиме маките.

Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, не е на арно работава. УЕФА почна да разговара за враќање на руските клубови во европските купови. Борис како претеча на Владимир се обиде времето низ Европа да го направи Стенли. Кравите зачестија со прдење, со што ја доведуваат климата во катастрофична состојба од која ни Грета Тунберг не нè спасува. Луѓето стануваат агностици, со опасен сомнеж ги меркаат своите мобилни телефони, микробранови печки и вибратори. И додека инфлуенсери се прашуваат дали ќе остане фотографија ако им експлодира телефонот при правење селфија, а атеистите ликуваат дека Мосад му подметнал на Мојсеј експлозив во грмушката, Урсула фон дер Лејен панично гледа во својот миксер прашувајќи се што ако Путин ја пресретнал пратката миксери кон Германија? А да, Касандра ќе снима серија во Србија, а на Нордистан ни мрсул не фрла.

Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, не само што среќната сапунска серија што ја живеевме, стана трагедија, ами и волшебната блескавост за’рѓа. А тројца луѓе се заслужни за таа наша блескавост што веќе ја нема. Оној првиот кој „је са Кириломиметодијем много шетао, тумарао и банчио по световима и универзумима“, другиот кој е премиер на Западна Бугарија како што ни објасни Еди Рама и третиот кој секогаш има чизми на таван и европски вредности во подрум како зимница. Сега, откако вмровците се на власт, доживуваме само понижувања… со знамиња. Знам дека на сите ви фалат продолжни кабли и плацебо-онкологија, ама жими Нивици, француски рамки и други национални успеси од минати времиња, јас да бев на местото на претседателката, ќе си имав спремно знаме за на пат накај Бугарија. И кога Радев ќе ме истопореше пред две бугарски и едно на ЕУ знамиња, ќе му речев: „Извинете, ама едно знаме е одвишок, а друго недостасува“, па ќе го тргнев знамето на ЕУ и додека околу главите на сите присутни растат прашалници, ќе го акнев знамето на Третиот рајх меѓу двете бугарски и, со насмевка, ќе му срочев на колегата: „Е вака е природно“. А потоа, кога висок државник од Бугарија ќе ми дојдеше на посета, во знак на политички соживот, ќе му дадев на шефот на протокол од времето на СДСМ да ги мести знамињата. И тој ќе ги ставеше по ред, знамето на ЕУ, па она на НАТО, па македонското знаме и потоа најважното… знамето на Унгарија.