ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА
Во второто коло, машката репрезентација на Македонија загуби со 1,5-2,5 од Романија, а женската со 0,5-3,5 од Холандија
Репрезентациите на Македонија, по почетните убедливи победи, во второто коло ги загубија дуелите на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта од многу посилни селекции. Шахистите (рангирани на 61-то место пред почетокот, со просечен рејтинг 2.421 поен), по голема борба, минимално загубија со 1,5-2,5 од Романија, рангирана 18-та (2.631), а шахистките (рангирани на 57-то место, 2.025) убедливо со 0,5-3,5 од Холандија, рангирана 17-та (2.289), иако според играта не беше така.
Кај македонските шахисти единствениот пораз го доживеа ИМ Никола Николовски, кој со црни фигури загуби од ВМ Кирил Шевченко во 34-от потег. Успешно деби на ШО имаше 17-годишниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Антон Златков, кој на четвртата табла со црни фигури ремизира со ВМ Мирчеа Палиграз. По половина поен освоија ИМ Емил Ристески, кој одигра најмногу потези, 76, и ВМ Евгени Романов, кој последен ја заврши партијата, имаше предност на таблата како „бел“, но, сепак, недоволна за победа. Македонија по две кола го дели 51-то место меѓу 197 селекции со два бода (5,5 поени по табли).
Кај шахистките, Ивана Манова го освои единствениот половина поен на втората табла, а Сања Трајковска на четвртата, ЖФМ Моника Стојковска на првата и Моника Жежовска на третата табла загубија. Македонките по ова коло се на делба 62-то место со два бода (4,5 по табли). Во третото коло, вчера, шахистите играа со селекцијата на Зелено’ртската Република, рангирана 112-та (2.115), а шахистките со Хондурас, рангиран на 77-то место (1.796).
Во другите дуели, во второто коло Канада (рангирана 50-та) направи изненадување ремизирајќи со Норвешка (6). Магнус Карлсен и во ова коло не настапи за Норвешка и покрај тоа што тие беа фаворити со приближно 100 рејтинг-поени повеќе на секоја табла. Ремизираа Р Ирска (64) со Израел (20), Естонија (60) со Србија (16), Монголија (63) со Чешка (19) и Венецуела (67) со Грција (23). Кина загуби половина поен, но го совлада Чиле со 3,5-0,5. И бранителот на титулата Узбекистан му препушти само половина поединечен поен на Египет.
Кај шахистките, олимпискиот шампион Украина ја победи Литванија со 2,5-1,5, а Полска и Кина убедливо ги добија дуелите со по 4-0. Кај мажите со максимални осум поединечни победи по табли водат Индија, Словенија и Грузија. Кај шахистките Полска, Кина, Шпанија, Ерменија, Аргентина и Иран ги добија сите поединечни партии. Г.И.
ШО 2024, ВТОРО КОЛО
Македонија – Романија 1,5-2,5
ВМ Евгени Романов (2.567) – ВМ Богдан Деак (2.680) реми
ИМ Никола Николовски (2.388) – ВМ Кирил Шевченко (2.673) 0-1
ИМ Емил Ристески (2.367) – ВМ Константин Лупулеску (2.590) реми
ФМ Антон Златков (2.346) – ВМ Мирчеа Палиграз (2.537) реми
Холандија – Македонија 3,5-0,5
ИМ Елине Роеберс (2.340) – ЖФМ Моника Стојковска (2.043) 1-0
ВМ Жаокин Пенг (2.349) – Ивана Манова (2.032) реми
ФМ Махтелд ван Форест (2.224) – Моника Жежовска (2.107) 1-0
ФМ Ана-Маја Казариан (2.180) – Сања Трајковска (1.920) 1-0