Како тренер на Оливера и како претседател на Параолимпискиот комитет на Македонија, сакам да ѝ упатам честитки за нејзината упорност, борбеност и достојно презентирање на Македонија, не само на овој натпревар туку и за време на сите нејзини настапи во другите дисциплини, официјални и неофицијални тренинзи. Честитки и до целиот параолимписки тим за поддршката и грижата сѐ да помине во најдобар ред. А медалот, па тој ќе го освоиме набргу, на некое друго следно првенство, изјави Јовановски

ПОИ 2024 ВО ПАРИЗ

Со две осми и едно 17. место, најдобрата македонска парастрелачка Оливера Наковска-Бикова, предводена од нејзиниот тренер Бранимир Јовановски, го заокружи својот настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, на кои беше и единствената претставничка од Македонија. Таа настапи во три дисциплини, а по вторпат на ПОИ се пласира во две финалиња (претходно во 2016 година). Наковска-Бикова во Париз беше осма во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, жени и со воздушен пиштол од 25 метри, мешано.
– Како тренер на Оливера и како претседател на Параолимпискиот комитет на Македонија, сакам да ѝ упатам честитки за нејзината упорност, борбеност и достојно презентирање на Македонија, не само на овој натпревар туку и за време на сите нејзини настапи во другите дисциплини, официјални и неофицијални тренинзи. Честитки и до целиот параолимписки тим за поддршката и грижата сѐ да помине во најдобар ред. А медалот, па тој ќе го освоиме набргу, на некое друго, следно првенство – изјави Јовановски.
На третиот настап за неа на ПОИ 2024 таа го освои 17-то место со воздушен пиштол од 50 метри, мешано, погодувајќи 526 круга.
– Беше магливо утро, студено. Пиштолот на Оливера испалуваше на секој втор куршум. Ништо не ни беше погодено како што треба, на стартот, во првата серија, Оливера имаше неколку грешки, подоцна влезе во ритам, меѓутоа нервозата од неиспалените куршуми, кои беа во сѐ поголем број сѐ повеќе ѝ го одземаа времето за настап и снагата за кревање на пиштолот, а за фокусот на изведба на истрелот и да не говориме. На крајот, миксот на несакани работи придонесе конечниот пласман во оваа дисциплина да биде каков што е. Искрено очекував уште едно финале на Оливера, хет-трик, уште една можност за борба за медал, оти токму во оваа дисциплина пред две години таа стана светска шампионка и ја освои нормата за учество на овие Игри во Париз. Но, за жал, за само седум круга таа желба не ни се исполни – вели Јовановски.
Наковска-Бикова на параолимписки игри настапи во вкупно осум финалиња, шест пати во дисциплината од 10 метри (најдобар пласман ѝ е првото место во 2012 година), по еднаш од 25 метри мешано (најдобар пласман осмо место, на ПОИ 2024) и од 50 метри мешано (најдобар пласман четврто место во 2016 година). Г.И.


Кина убедливо прва според бројот на медали

Репрезентацијата на Кина на три дена до крајот на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз убедливо води според бројот на вкупно освоени медали (138), но и според бројот на златни (63), сребрени (47) и бронзени (28). Следуваат Велика Британија со 76 медали (33-25-18), САД со 66 (25-28-13), Франција со 52 (16-17-19), Холандија со 29 (16-8-5) итн.