Со целовечерен концерт што се одржа на платото пред Центарот за култура во Кичево и со учество на 6 културно-уметнички друштва и ансамбли од градот и земјава, КУД „Младост“ – Кичево одбележа 25 години од своето постоење. Пред голем број љубители на фолклорот беа изведени повеќе ора и орски сплетови, народни песни и инструментални изведби на учесниците на овој концерт.
– Пред голем број љубители на фолклорот од Кичево ја одбележавме 25-годишнината од почетокот со работа. Наши гости на овој концерт беа КУД „Браќа Ѓиновски“ од Гостивар, КУД „Охриѓанка“ од Охрид, „Млади Подарешани“ од Радовишко и локалните друштва КУД „Нико Пусоски“, КУД „Бисер“ и КУД „Младост“ како домаќини. Многубројните присутни имаа можност да проследат повеќе ора и орски сплетови, народни песни и инструментални изведби – истакна Зоран Јовески, претседател на друштвото домаќин.
Тој наведе што сѐ имаат реализирано членовите на друштвото во изминатите 25 години.
– Од почетокот со работа во нашето друштво членувале над 700 играорци, пејачи и инструменталисти, друштвото одржа над 800 концерти во земјава и странство. Во изминатиот период нашето друштво гостуваше во повеќе европски земји: Полска, Бугарија, Србија, БиХ, Унгарија, Романија, Хрватска и многу други земји и беше добар репрезент на македонското оро и песна – додаде претседателот Јовески.
З.А.