Настапот на младата таеквондистка Милјана Рељиќ во Париз беше величан на социјалните мрежи и во медиумите, каде што пофалбите, честитките и пораките на поддршка беа изнесени речиси брзо како и самата размена на удари во
динамичните борби што траат неколку минути. Во тие моменти на еуфорија, малкумина ќе се запрашаат колку труд е потребен за да се освои медал на натпреварувањето со најсилна конкуренција од целиот свет, што претставува сон на секој спортист. А се заборава и какви тешкотии треба да се надминат за воопшто да се стигне на ЛОИ
Сензационалната победа на младата таеквондистка Милјана Рељиќ (21) над двократната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз накратко ги разбуди надежите дека Македонија може да се закити со нов медал во популарната боречка вештина, по среброто на Дејан Георгиевски на минатите Игри во Токио. Но македонската претставничка, за жал, претрпе тесен пораз во четврт-финалето, а потоа не доби можност да се бори за медал ниту во репасаж, на големо разочарување на македонската јавност.
Нејзиниот настап во Париз беше величан на социјалните мрежи и во медиумите, каде што пофалбите, честитки и пораките на поддршка беа изнесени речиси брзо како и самата размена на удари во динамичните борби што траат неколку минути. Во тие моменти на еуфорија, малкумина ќе се запрашаат колку труд е потребен за да се освои медал на натпреварувањето со најсилна конкуренција од целиот свет, што претставува сон на секој спортист. А се заборава и какви тешкотии треба да се надминат за воопшто да се стигне на ЛОИ. А македонските олимпијци не се борат само со ривалите на спортските борилишта, туку водат големи битки пред воопшто да дојдат на Игрите.
Пред околу еден месец, тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов, нагласи дека надежната спортистка нема сала за подготовки, ниту соодветна финансиска поддршка. Па така, актуелната европска клупска шампионка, со пет освоени медали на последните седум турнири пред Игрите во Париз, била принудена да бара слободни термини за тренинг на други локации, кои не ги задоволуваат потребните услови за подготовка.
Од друга страна, нејзината ривалка Џонс на 16-годишна возраст го прекинала образованието за да се посвети на таеквондото, што очигледно ѝ се исплатело бидејќи во кариерата освоила 36 медали од кои 19 се златни, притоа станувајќи трикратна европска (2016, 2019, 2021), двократна олимписка (2012, 2016) и светска првенка (2019). Но таа сигурно имала каде да тренира и не морала да се грижи за финансирањето на подготовките, со оглед на статусот што го ужива во Велика Британија, каде што е позната како икона на таеквондото.
Токму таеквондото им нуди можност на државите со помал број учесници на Игрите да дојдат до медали. Откако корејската боречка вештина стана дел од ЛОИ во 2000 година, таа своевремено им ги донесе првите олимписки злата на Брегот на Слоновата Коска и на Јордан, како и првите сребра на Македонија, Нигер, Габон и на Виетнам. А единствените олимписки медали на Авганистан, две бронзи, исто така дојдоа од овој спорт. Таеквондото можеби не привлекува толку голема гледаност како гимнастиката, атлетиката или пливањето, но е широко распространето бидејќи за негово практикување не се потребни скапи вложувања ниту големи спортски капацитети.
Многумина во Македонија веројатно првпат слушнаа за боречката вештина кога Дејан Георгиевски освои сребрен медал на ЛОИ во Токио, втор за самостојна Македонија, по бронзата на борачот Могамед Ибрагимов во Сиднеј во 2000 година. По враќањето од Токио, за Георгиевски со право беше приреден величествен пречек уште од скопскиот аеродром, што продолжи на плоштадот „Македонија“, каде што спортскиот херој беше поздравен со развеани македонски знамиња, запалени факли и со громогласни аплаузи. Таеквондото веројатно е „најдарежливо“ од сите олимписки дисциплини, но сепак, привлечниот сјај на медалите има своја цена. За да се повторат славењето што беше приредено за Георгиевски и радоста што ја почувствува целата земја по неговиот успех, потребно е вложување во олимпијците. Македонија има таленти што ќе продолжат да се борат наспроти предизвиците и тешкотиите, како што истакна и тренерот на Рељиќ, но сепак, потребно е да се негуваат. Особено во таеквондото. На тоа упати и тренерот на Георгиевски, Борче Костовски, во 2021 година, велејќи „македонското време за таеквондо е сега“. И времето за поддршка на олимпијците е сега. Следната можност за медали и за нова радост е во Лос Анџелес во 2028 година. Да се надеваме и на подобри услови за македонските претставници, кои го заслужуваат тоа.