Барањата за екстрадиција од Косово на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“, како и прашањето за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, кој се наоѓа во домашен притвор во Скопје, биле тема на разговор на денешната средба на македонскиот и косовскиот премиер Христијан Мицкоски и Албин Курти. Овие прашања, како што посочија двајцата премиери на денешната заедничка прес-конференција во Скопје, ќе продолжат на ниво на министри за правда.
– За овие две прашања дискутиравме и нашите соодветни министри за правда ќе бидат во постојан и директен контакт. Се ќе биде во функција и правец на општата вредност која е заснована на уставот и законите, постапките и институционалните процедури во двете држави, но исто така, и во рамки на добрите соседски и европски односи кои што ние сакаме да ги негуваме – изјави Курти, одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Случајот на двајцата бегалци, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“, нагласи Курти, исто така е отворен како предмет и во косовското Специјалното јавно обвинителство.
– Случајот на двајцата бегалци сега е отворен како предмет во Специјалното јавно обвинителство на нашата држава, а исто така, и за лицето кое сега веќе се наоѓа во домашен притвор во Република Северна Македонија со барањето за екстрадиција и овој случај е разгледан и се надеваме дека што побрзо ќе бидат затворени овие два случаи, со цел и законите да бидат спроведени, но и нашите добрососедски односи да бидат запазени и да се негуваат – изјави Курти.
За тоа дали на средбата било разговарано и за приведувањето на Рамадани од македонските власти, косовскиот премиер рече дека и тоа било дискутирано на денешната средба, нагласувајќи дека „нема прашање ниту тема која е важна, а која не беше дискутирана“.
– Ова беше отворена, сериозна и искрена средба затоа што одржливите односи се градат само на овој начин. Дискусијата ќе ја продолжат нашите двајца министри за правда – изјави Курти.
Премиерот Христијан Мицкоски, рече дека косовскиот премиер Курти веќе дал одговор на ова прашање и дека би било бесмислено да се повторува, но дека во интерес на транспарентноста ќе повтори.
– Министрите за правда ќе продолжат да соработуваат не само за овој случај, и за случајот „Монструм“ исто така, и очекуваме, како што кажав на самиот почеток добрите добрососедски и билатерални односи само да одат во позитивен правец, а не да уназадуваме. Напротив, оваа средба е порака дека сакаме да ги зголемуваме и да ги подобруваме односите меѓу двете влади – нагласи Мицкоски.
Министерот за правда Игор Филков, на 31 јули годинава изјави дека потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“. Како што појасни, овие две барања се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.
Поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, беше приведен на 17 јули 2024 година на преминот меѓу Косово и Македонија и веднаш бил префрлен во затворот Шутка во Скопје, по што на барање на Обвинителството за организиран криминал најпрво му е одреден екстрадиционен притвор од 30 дена. Кривичниот суд, минатата недела одлучи Рамадани, од екстрадициски притвор да премине во куќен притвор во Скопје.