Како и претходните триесетина години, така и годинава, од средината на јули до втората половина на август кога најголемиот број печалбари од престојуваат во земјава, Кичево живее во забрзан ритам. Сообраќајот во градот е двојно поголем споредено со претходните месеци, локалите речиси да не се празнат, дуќаните се полни со купувачи, а секојдневно има и свадбарските каравани кои со гласна музика поминуваат низ градот. Сите бизниси во овој момент работат најдобро што можат, a сопствениците посакуваат оваа поволна клима да потрае што подолго.
-И оваа година има најави дека ќе имаме голем број на свадбени веселби. Со самото доаѓање на печалбарите свадбите почнаа да бидат наше секојдневие и до крајот на август очекуваме да се направат повеќе од 400 свадби што е во рамките на повеќе годишниот просек – истакна Џевдет Далипи, менаџер на ресторани во градот.
Неговото искуство ни беше предочено и од останатите негови колеги, кои задоволни ги тријат рацете од остварениот промет и од она што ќе се случува во наредните 4-5 недели.
Своите пет минути ги дочекаа и златарите, кај кои се купуваат поголеми количини златен накит за свадбите.
-Ако не беа нашите печалбари така расположени за пазарење, ние би можеле слободно да му кажеме збогум на овој бизнис. Но благодарение на зголемениот промет остварен во текот на летото и делумно околу Нова година, ја спасуваме годината и го премостуваме слабиот промет во текот на пролетта и во есен. Оваа традиција во нашиот град живее повеќе децении и на наше задоволство очекуваме да живее и во наредниот период – вели еден од најстрите златари во градот.
По улиците во Кичево се возат и бројни скапи автомобили.
-Кичево нема ниту езеро ниту море, но ги има печалбарите. Овој ритам ќе го чуствува градот до крајот на август, кога нашите печалбари се враќаат во земјите каде што работат, а ние остануваме да ги средиме впечатоците од нашето работење во уште едно топло лето полно со дружби разговори и нови познатства – вели Сашо, цвеќар од Кичево.