Овој дворец во градот Ресен е еден од најпретставителните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Изграден е во француски неоренесансен стил и се смета за еден од поважните примери на архитектурата од почетокот на 20 век во кои се присутни елементи и од другите европски историски стилови во архитектурата. Граден е во периодот од 1905 до 1909 година од еден од водачите на Младотурската револуција, Ахмед Нијази-бег
Знаменитостите на Македонија
Нарачателот на изградбата Ахмет Нијази-бег, како студент на воена академија во Истанбул и припадник на младотурското движење, бил испратен во Ресен, каде што подоцна примил разгледница со Версајскиот дворец од свој пријател од Париз. Богатиот ресенски бег решил да изгради исто така убав објект во кој планирал да живее. Сепак, во 1912 година тој бил убиен во Драч, пред да биде дворецот комплетно завршен.
Архитектонски особености
Мермерот што е вграден во сарајот бил носен од месноста Плочине кај селото Болно. Во основа сарајот е симетрично решен со средиштен дел и две странични крила (источно и западно). Во вертикала сарајот е поделен на подрумски дел, приземје, кат и поткровје. Носечката конструкција е од носечки ѕидови 40-85 см. Тие се изведени од тврд материјал – печена тула и вар како врзно средство. Меѓукатните конструкции се од челични профили, исполна на тула (ходници и холови) и дрвени греди (во останатиот простор). Покривната конструкција и конструкцијата на кубињата се дрвени, но со реконструкцијата на кубињата во 1982 година дрвото е заменето со челични профили. Фасадните платна на сарајот се богато обработени: посебно главната (северна). Фасадите посебно се расчленети по хоризонтала со венци и фризови, редоследно обработени, а по вертикала со пиластри, кои завршуваат со капители. Сарајот по своите архитектонски и естетски вредности им парира на градбите од неокласицизмот од почетокот на 20 век. Тој е грандиозна градба со која се гордеат ресенчани, која го потенцира престижниот статус на „најубавиот објект во Македонија“.
Низ годините
На 3 јули 1908 година командантот на турскиот аскер во Ресен, мајорот Ахмет Нијази-бег се одметнал од својата војска и станал еден од водачите на Младотурската револуција. Од 1908 до 1912 година го изградил ресенскиот сарај, кој до ден-денес претставува значајно обележје на градот. Сарајот им служел како седиште на многу управи по балканските војни. Тука била сместена српската управа, а потоа управата на Кралството Југославија. За време на двете светски војни овде се наоѓале окупаторските управи, а по ослободувањето била сместена управата на Општина Ресен. По изградбата на одделен објект на Општината Ресен во 80-тите години на 20 век, тука биле сместени неколку културно-просветни организации, како што се домот на културата „Драги Тозија“, во чии правни рамки се наоѓа Градската библиотека, Музејската збирка-Ресен при Музејот на Македонија, Ресенската керамичка колонија, Радио Ресен и неколку простории на невладините организации, од кои едната го носи името на Нијази-бег. Д.Ст.
Кој е Ахмет Нијази-бег?
Нијази-бег е роден во османлиска Македонија, во градот Ресен, според кој го добива и прекарот Ресенли, или во превод ресенчанец. Во армијата го добива чинот потполковник. Бил член на битолскиот комитет „Единство и прогрес“ и бил видно лице меѓу младотурците во Македонија. Со неговото одметнување во планина на 3 јули 1908 година започнала Младотурската револуција. На 5 јули упатил прокламација до христијанското население во Дебар, Преспа, Струга, Ресен и Охрид во која го повикува на заедничка борба против султановиот апсолутизам. Во април 1909 година учествува во задушувањето на контраударот против младотурците во Истанбул. Во 1911 година учествувал во војната против Италија за Триполитанија. Нијази-бег бил убиен во Валона, Албанија, на 17 април 1913 година, од луѓе на султанот, на пат за Истанбул. Според друга верзија тој е убиен во Драч, качувајќи се на брод. Според македонскиот револуционер Петар Чаулев, Нијази-бег не бил убиен по нечија наредба, туку поради лична омраза и одмазда. Д.Ст.