Американски ловец, британски платеник и мексикански револуционер – во каква и да е улога, актерската легенда Марлон Брандо доминира на екранот. Неговото специфично артистичко умеење секогаш ја фасцинира филмската публика
Со три наслови што се прикажуваат во Кинотеката на Македонија се одбележува стогодишнината од раѓањето на великиот Брандо, и тоа на 35-милиметарска лента, оригинален формат, како во времето кога биле премиерно прикажувани.
Во саботата беше прикажан„Апалуса“, американски вестерн-филм од 1966 година, во режија на канадскиот режисер Сидни Фурие. Главните улоги ги толкуваат Марлон Брандо, Ањанет Комер и Џон Саксон. Приказната се случува на Дивиот Запад во 1870-тите години. Брандо го игра Мет Флечер, мексиканско-американски ловец на бизони, вечен осаменик што се враќа на пропаднатата фарма на границата со Мексико што ја водат децата на луѓето што го одгледале. Тој носи пастув од прочуената раса шарени коњи Апалуса и доволно пари за да основа ранч со коњи. Но, постојано е малтретиран и понижуван од генералот разбојник Медина. Кога разбојникот ќе му го украде коњот и ќе побегне во Мексико, Мет тргнува во одмаздничка мисија.
Досега беше прикажан филмот „Да живее Запата“ од 1959 година, во режија на Елија Казан, американски вестерн-филм во кој имаат вмешано прсти големи имиња, како великанот на американскиот и светскиот филм, режисерот Елија Казан, големиот американски писател Џон Штајнбек се потпишува како сценарист на адаптацијата на книгата на Едкомб Пинчон од 1941 година (Запата, непобедливиот водaч) и главната улога ја игра Марлон Брандо, редовниот соработник на Елија Казан. За својата работа со Брандо, Казан ќе напише: „Понекогаш најдобрата режија се состои од читање на лицето на актерот и, кога ќе ја видите вистинската работа таму, едноставно кимнете со главата. Неколку збора, допир и насмевка ќе го направат тоа. Потоа чекајте чудо со Марлон, тоа често се случуваше“.
Оваа соработка помеѓу Марлон Брандо и Елија Казан можеби не е толку позната како „Трамвајот наречен желба“ или „На доковите на Њујорк“, но е сè уште релевантна и стилски свежа, со одлична кореографија на акциските сцени и монтажа под влијание на Ајзенштајн и руската монтажна школа.
На програмата на Кинотеката беше и „Гори!/Квеимада“ од 1969 година, измислена историска драма во режија на познатиот италијански режисер Гило Понтекорво, познат по неговиот антивоен филм во неореалистичен манир – „Битката за Алжир“, за кој ја има добиено главна награда на Канскиот фестивал во 1966 година. Станува збор за голема продукција, снимен е на различни локации низ светот и содржи големи имиња, како Енио Мориконе, кој ја компонира музиката на филмот, и Марлон Брандо, кој ја игра главната улога. Не е случајно што овој амбициозниот еп на Понтекорво потсетува на шпагети-вестерните – каде што главниот конфликт е изграден на цинични двојни измами и лични предавства. Продуцент на филмот е италијанскиот и американски продуцент Алберто Грималди, познат како продуцент на некои вестерн-класици. Филмот на едноставен и разбирлив начин го отвора прашањето за слободата, борбата за слобода, различните толкувања и пристапи кон проблемите на угнетувањето и колонијализмот, како и антиколонијалната борба, конфликтот меѓу колонизаторите и колонизираните.