Горан Петрески со својата гордост - автомобилот „Фиат 1.000 Застава“/Фото: З.А.

Кога во 1968 година Василе Петрески, инженер од Кичево, за првпат купи нов автомобил, не можеше ни да сонува дека возилото „Фиат 1.000“ и денес ќе го служи исто како и пред 56 години, период кога во градот на прсти на една рака можеле да се избројат новите автомобили. Овој автомобил денес го вози неговиот син Горан Петрески, кој има само пофални зборови за стариот „Фиат“, кој како што вели самиот, и допрва ќе го служи и ќе ги совладува километрите, бидејќи сѐ уште не го кажал последниот збор.

– Ние сѐ уште бевме деца кога нашиот татко го купи новиот автомобил марка „Фиат 1.000 Застава“. Не можевме да претпоставиме дека и денес, по повеќе од пет и пол децении, ќе нѐ служи и оти речиси без дефект ќе можеме да се превеземе до која било одредница. Во изминатите 56 години, со исклучок на промена на акумулатор, гуми и други делови што влегуваат во потрошен материјал, останатите делови на ова возило и денес се како нови и повеќе од сигурни сме дека овој автомобил ќе нѐ служи барем уште една деценија. Мојот татко со овој „Фиат“ речиси да немаше гратче или населено место на Балканот, каде што не прошетал, а се благодарение на беспрекорната кондиција на денес подостарениот автомобил – истакна Горан кој деновиве му ја продолжи регистрацијата на возилото и планира во текот на летото со истиот автомобил да оди на летување, сигурен дека ова возило никогаш нема да го остави на пат.

Тој посочува дека и визуелно ова возило не оддава старост од 56 години.

– Кога ќе го сретнете на улица мојот автомобил сигурно нема да поверувате дека за скоро време ќе напони 60 години, бидејќи каросеријата му е целосно здрава како и моторот. И денес е вистинско задоволство да се ужива во удобноста на возењето на овој старец, кој не планираме никогаш да го продадеме и покрај поодминатите години – заврши неговиот помлад сопственик.

Тој на крајот заклучи, дека порано автомобилите ги правеле за што подолго да траат, а денес се прават за да се продадат во што поголем број. З.А.