Традиционално во последниот викенд пред 13-ти јуни, денот на загинувањето на големиот поет Коста Солев – Рацин, велешкото еколошко друштво „Грин Пауер“ во соработка со планинарските друштва од повеќе градови во земјава, го организира традиционалниот планинарски марш од село Ивор до врвот Стог на планината Лопушник. На годинешниот марш се очекува да земат учество барем шеесетина планинари од родниот град на Рацин, Велес, Скопје, Битола, Прилеп и Кичево, градот каде што се наоѓа планината Лопушник.
– Викендов нашето еколошко здружение „Грин Пауер“ го организира традиционалниот марш за Рацин на планината Лопушник. Покрај триесетината учесници на маршот од Велес, очекуваме на овој марш да земат учество и планинари од Прилеп, Битола, Скопје, Кичево и други градови од земјава.
Маршот започнува од село Извор кичевско, а патеката која треба да се изоди е долга 12 километри. Учесниците на маршот во 6:30 часот треба да бидат присутни во село Извор од каде во 7 часот започнува маршот на патека, која треба да се совлада за околу 5 часа пешачење – истакна екс претседателот на „Грин Пауер“ и планинар Игор Смилев.
Тој во продолжение посочи кои активности ќе се реализираат на планината Лопушник до враќањето во село Извор.
– По пристигнувањето пред споменикот на Рацин на планината Лопушник и врвот Стог, ќе има обраќање до присутните од страна на претставник на ЕЛС Велес а ќе бидат прочитани и извадоци од повеќе песни на големиот поет.Покрај споменикот на врвот Стог учесниците на маршот ќе ја посетат и месноста Јама, каде на 13-ти јуни 1943 година загина Коста Рацин.По посетата на овој локалитет учесниците на маршот по истата патека ќе се вратат во село Извор, со што ќе се заокружи традиционалниот планинарски марш – додаде Смилев.