Фото: ЕПА

По 99 години од своето формирање, Олимпијакос стана првиот грчки клуб што победил во некое европско финале, откако во Атина, по продолженијата, ја совлада Фиорентина со 1-0

ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА, ФИНАЛЕ

Фудбалерите на грчки Олимпијакос триумфираа во годинашната Конференциската лига, откако во финалето одиграно на стадионот „Аја Софија“ во Атина (35.000 гледачи), го совладаа по продолженијата со 1-0 италијанскиот претставник Фиорентина. Победничкиот гол на избраниците на шпанскиот тренер Хозе Луис Мендилибар го постигна Мароканецот Ајуб Ел Каби (30) во 116-та минута, што беше доволно Олимпијакос, а и грчкиот фудбал воопшто, да го освои првиот европски трофеј во кое било сениорско клупско натпреварување. За Ел Каби, пак, тоа беше вкупно 11-ти гол сезонава, што е рекорд во ова натпреварување. Олимпијакос (најтрофеен грчки клуб со 47 титули во домашното првенство, а 28 во купот) како да играше дома, оти од Пиреја до Атина требаше да изминат само 10,8 км. Овој успех во Конференциската лига му овозможи следната сезона да игра во групната фаза во Лигата на Европа (ЛЕ). Фиорентина, предводена од тренерот Винченцо Италијано, беше подобра во првото полувреме, создаде повеќе можности за гол, а во деветтата минута им беше поништен погодок поради офсајд, кој го постигна Никола Миленковиќ.
– Горд сум што заедно стигнавме до целта. Се соочивме со тешкотии и разни пречки, но имавме цел. Го истрчавме маратонот и конечно први ја минавме целта. Продолжив нешто од минатата сезона – изјави по мечот тренерот на Олимпијакос, Хозе Луис Мендилибар, кој лани со Севилја триумфираше во Лигата на Европа.
Најголемиот успех на Олимпијакос пред овој триумф му претставуваше четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) во 1998/99 година, каде што беше поразен од Јувентус (1-2, 1-1). Црвено-белите од Пиреја годинава го освоија вториот европски куп во историјата на клубот, откако на 22 април, нивниот подмладок (играчи до 19 години) триумфира во Младинската лига со победата (3-0) во финалето во Нион против италијанскиот клуб Милан. По 99 години од формирањето на клубот, Олимпијакос стана првиот клуб од Грција што победил во некое европско финале и втор клуб воопшто што триумфирал во европско финале во својата држава, откако холандски Фејнорд ја совлада Борусија Дортмунд (3-2) во финалето на Купот на УЕФА во Ротердам 2001/02.
Најголем репрезентативен успех на грчкиот фудбал, пак, е титулата европски првак во 2004 во Португалија, кога германскиот селекторот Ото Рехагел ја предводеше Грција до тронот. Во финалето беше совладана Португалија (1-0).
Во минатото, АЕК од Атина, предводен од унгарскиот тренер Ференц Пушкаш, играше во финалето на Купот на шампионите во 1971 година. На „Вембли“ во Лондон загуби од холандскиот Ајакс (0-2). АЕК играше и во полуфиналето на Купот на победниците на куповите (КПК) во 1977, а ПАОК стигна до четврт-финалето во КПК во 1974 и во Конференциската лига 2022 година.
За клубот од Фиренца ова беше шесто европско финале, а единствениот триумф беше остварен во 1961 година, во сега веќе непостојниот Куп на победниците на куповите. Италијанците се надеваа дека ќе минат подобро од лани во ова натпреварување, откако во финалето во Прага загубија (1-2) од англискиот Вест Хем. На годинашниов меч за италијанскиот тим настапија осум фудбалери од тоа ланско финале. Ова беше трето издание на Конференциската лига, во првата сезона 2021/2022, Рома во финалето го победи Фејнорд, а лани Вест Хем беше подобар Фиорентина. Г.И.