И по 30 години, македонскиот филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски инспирира нови режисери насекаде низ светот.
Овој пат во Нов Зеланд, режисерката Лорен Тејлор во интервју за „НЗ хералд“ открива дека нејзиното дебитантско дело „Месечината е наопаку“ е инспирирано токму од македонскиот филм.
Таа кажува дека „Пред дождот“ првпат го гледала кога ималa 17 години и работела во едно кино во Бруклин, предградие на главниот град Велингтон. Многу ѝ се допаднал и сè уште ѝ се допаѓа. Речиси 30 години подоцна, Тејлор се навраќа на филмот на Манчевски кога во истото кино ќе ја гледа премиерата на својот прв филм „Месечината е наопаку“ во кој е режисерка, сценаристка и актерка и кој како и „Пред дождот“ има три навидум неповрзани приказни.
– Филмот беше под влијание на многу нешта. Меѓу нив и филмот на Манчевски и неговиот заплет како Венов дијаграм – вели Тејлор.
Во годината кога најнаградувано дело во историјата на македонската кинематографија и едно од најголемите достигнувања на македонската култура воопшто слави 30 години од премиерата во септември 1994, не престануваат одгласите за овој филм на Манчевски.
Имено, во промотивното видео пред годинашното доделување на „оскарите“, холивудската актерка Глен Клоуз го избра токму „Пред дождот“, кој во 1995 беше номиниран за „оскар“ за најдобар странски филм, како дело што ја инспирирало да посака да ја посети Македонија.
– Постои филм што се вика „Пред дождот“ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара (земја) и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите – вели во видеото Глен Клоуз, која има рекордни осум номинации за „оскар“.
Во 1994, „Пред дождот“ освои „златен лав“ во Венеција на најстариот филмски фестивал во светот. Покрај „златниот лав“, „Пред дождот“ доби уште триесетина награди на светските фестивали, а беше и првиот македонски филм номиниран за „оскар“ во категоријата најдобар странски филм.
– „Пред дождот“ ја стави Македонија на светската мапа. Дела како ова ме одржуваат. Потсетник за благородноста што филмот може да ја досегне – напиша легендарниот филмски критичар Роџер Иберт за американската премиера на филмот во 1995.
„Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филма во историјата од страна на „Њујорк тајмс“, а на фестивалот во Венеција една од паралелните награди беше именувана според митот на филмот „Кругот не е тркалезен“. Во Фиренца се одржа меѓународна академска конференција посветена на филмот.
„Пред дождот“ е прикажан на над 100 фестивали, прикажан е во редовна кино и ТВ-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од задолжителната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текста на педесетина јазици во светските медиуми. Во Кореја „Пред дождот“ се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и во Полска за изучување на македонскиот. „Пред дождот“ до ден-денес уште игра во кинотечните и фестивалските програми насекаде низ светот.