Едукацијата на млади таленти од областа на филмот е целта на мрежата на филмски фестивали и организации „Еду катс“ (Edu Cuts), која е формирана во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој се спроведува со поддршка на „Британскиот совет“.
Иницијатор на мрежата е „Планет-М“ од Скопје, организатор на филмскиот фестивал „Џифони Македонија“, а партнери се: „Филм арт“ (организатор на фестивалот и кампот за документарни филмови “Интеракција“) од Пожега, Србија, Здружението на млади уметници од Сараево, БиХ, „Прифест“ од Приштина, Косово, и „Подгорица филм фестивал“ (организатор на истоимениот фестивал) од Црна Гора.
Во текот на годинава во рамките на фестивалите на мрежата ќе се реализираат десет креативни работилници за младите таленти од Западен Балкан, на кои ќе ги развиваат и снимаат своите први кратки или долгометражни филмови.
Во тек е повикот за првата онлајн работилница за развој на први филмови со експерти од платформата „Фрст филм фрст“ (www.firstfilmsfirst.com).

Повикот е отворен најдоцна до 15 мај за млади помеѓу 15 и 25 години, кои имаат идеја или сценарио за снимање краток филм. Работилницата ќе почне во втората половина на мај со повеќе учесници и ќе се реализира во пет работни дена во текот на две недели (според потребите и напредокот на проектите).
Во јуни на втората работилница ќе се квалификуваат најдобрите проекти од првата работилница како и понапредни проекти што се подготвени за продукција и ќе може да се пријават дирекно за втората работилница. Овие две работилници ќе се реализираат на платформата Зум. Можат да се пријават средношколци, студенти од филмски и сродни факултети (филмска и телевизиска режија, продукција, камера, монтажа, сценарио/драматургија), инфлуенсери, професионалци, полупрофесионалци или аматери од Западен Балкан. Работилниците се бесплатни за сите учесници, а познавањето на англискиот јазик е задолжително.
Учеството на работилниците вклучува едукација и интеракции со експерти и со врсници од земјите од Западен Балкан што споделуваат заеднички интереси во производството на видеосодржини, со подготвеност за тимска работа под надзор на менторите. Најдобрите три кратки филмски проекти како награда ќе добијат поддршка со бесплатно користење опрема за снимање на филмовите (6K камера, објективи, тон и друго).

Проектот исто така предвидува и поддршка за мобилност, при што најмалку на 20 млади филмаџии ќе им бидат покриени патните трошоци за да учествуваат на креативни работилници во други земји, каде што ќе ги прошируваат своите знаења и ќе ги развиваат нивните идни проекти. Ова е единствена можност за младите таленти од Западен Балкан да ги развиваат и снимат своите први кратки филмови со поддршка од филмски експерти.

Мрежата „Еду катс“ опфаќа филмски фестивали и организации што се фокусирани на промоција и имплементација на едукација и мобилност на младите таленти.
Проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“е финансиран од Европската Унија и поддржан од Британскиот совет, со цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социоекономско влијание.