Таа бројка е историска во светот на фудбалот. Се очекува одреден креативен сјај од кој и да ја носи, но дополнителниот притисок не го вознемири Вирц. Модерната игра често нема број 10, но Вирц, на домашно и на меѓународно ниво, ја одржува жива иконската позиција, пишува Бундселигата
ФУДБАЛ
Непосредно пред почетокот на сезоната во германската фудбалска Бундеслига, Баер објави информација на интернет-страницата на клубот за ѕвездата Флоријан Вирц: „Фудбалерот на Баер, Флоријан Вирц, сега има различен број на дресот. Дваесетгодишниот фудбалер ќе го носи дресот со број 10 по свое барање. Вирц, во Леверкузен од 2020 година, секогаш сакаше да го носи дресот со број 10“.
Таа бројка е историска во светот на фудбалот, со Пеле, Диего Марадона и Лионел Меси само тројца од легендите на фудбалот што ја направија своја. Се очекува одреден креативен сјај од кој и да ја носи, но дополнителниот притисок не го вознемири Вирц. Покрај клучната улога на патот на Баер до титулата во Бундеслигата, тој го постигна најбрзиот гол досега на Германија, на дуелот со Франција, на пријателскиот меч во март, по седум секунди, иако тоа не беше негов личен рекорд (ја затресе мрежата за пет секунди, за младинците на Келн).
Откако закрепна од повреда на вкрстените лигаменти во 2021 година, 20-годишниот ги осветли стадионите низ Германија. Од дебито во 2020 година стана јасно дека едно од најважните оружја на Вирц е неговата техника. Тој има беспрекорен прв допир што му овозможува време за да ги процени своите опции и да им даде дилема на ривалите. Дополнително, тој е мајстор за додавање и е неверојатно прецизен. Вирц е на 11-то место во големите пет лиги во Европа за завршени додавања од пет до 15 метри (89 проценти успешност). Вирц долго време покажува тактичко разбирање надвор од своите години. Тоа беше јасно додека играше фудбал во категоријата до 17 години како 14-годишник и, иако одигра четири меча, ги заобиколи „под 19“ за да дебитира во Бундеслигата. Неговата способност да се извива од тесни области го прави тежок за чување и, како таков, тој е особено вешт во анализирањето на офанзивните позиции. Баер често бара да го најде Вирц меѓу редови за брзо да напредува на теренот, а тој е рангиран во првите 10 според прогресивните приеми во првите пет дивизии во Европа, пишува Бундеслигата. Исто така, тој брзо препознава кога да влезе длабоко и да понуди излез против силен пресинг…
Вирц се истакнува меѓу оние со најмногу акции за создавање шанса во најдобрите пет лиги во Европа, но тој е сам кога станува збор за акциите за голови. Сезонава, како креативен фудбалер во составот на тренерот Чаби Алонсо, тој шутира многу почесто (2,59 шута на 90 минути во споредба со 1,75 во неговата кариера) и прецизно упатува удари (1,43 удар кон противничкиот гол на 90 минути во споредба со 0,73), а се покажа сигурен и пред голот, претворајќи шест од неговите 10 големи шанси за сооднос од 60 проценти.
Работата на Вирц кога ја нема топката е дополнителна вештина што ја има и често поминува незабележано. Има јасна подготвеност да придонесе и без топка, во таа категорија тој е во првите 10 во Бундеслигата сезонава за добиени дуели и за украдени топки. Многу од десетките беа слободоумни уметници на кои им беше дозволено да се концентрираат на најдобрите делови од нивната игра на сметка на нивните одбранбени должности. За играч со неговите вештини, Вирц нуди и неуморно трчање, неговиот просек од поминати 12,3 километри и 33 спринта по меч го ставаат во првите пет во Бундеслигата во двете категории. Тој е и борец, па, на пример, само Тим Клајндинст од Хајденхајм и Бернардо од Бохум победија во повеќе дуели, а Вирц е на врвот во однос на победите во дуелите на земја.
Модерната игра често нема број 10, но Вирц, на домашно и на меѓународно ниво, ја одржува жива иконската позиција, пишува Бундеслигата. Н.М.