„Балада за ангелот“ е песна на Григор Копров, со аранжман на Стефан Петановски, а по текст на Душан Бачиќ, што на фестивалот „Белградска пролет“, што ќе се одржи на 20 април, ќе ја пее девојката со бисерен глас, Ана Петан.
Песната по многу нешта е особена, најпрво затоа што звучи многу моќно поради супериорниот вокал на Ана, а потоа затоа што е инспирирана од еден коментар на Јутјуб, напишан под песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, една од омилените на Тоше Проески, исто така дело на Копров.
Така коментарот „кога сум тажна ти си тука, и кога сум среќна тука си, во секој мој нов ден“, стана рефрен на оваа балада, која потсетува на Тоше, на љубовта и на големите емоции.
Инаку, Ана Петан е пејачка со огромен потенцијал, а овој настап е одлична можност да ја слушнат и надвор од границите. И посакуваме многу среќа и на „Белградска пролет“ и на следните летни фестивали: „Сунчане скале“, „Шибенска шансона“ и „Охрид- фест“ што годинава ќе се случува на 30 и 31 август.