Фото: МИА

Министерството за надворешни работи соопшти дека реагирало до Европскиот парламент за употребата на придавката „северномакедонски“ и дека грешката е веќе отстранета од веб-страницата на Европарламентот.

– Министерството за надворешни работи континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Северна Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, етнитети итн., кои погрешно употребиле било кој од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите нации. Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш коригирана – посочуваат од МНР.

На веб-страницата на Европскиот парламент, вчера, беше објавен документ во кој се анализира евроинтегративен пат на Македонија и Договорот од Преспа, а македонската влада е наречена „северномакедонска“.

Согласно Преспанскиот договор, придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции треба да биде во согласност со официјалното име на државата.