Фото: Пиксабеј
  • Зошто некои луѓе никогаш не се сеќаваат на своите соништа? 

Некои луѓе речиси секое утро можат детално да раскажат што сонувале, додека други се убедени дека воопшто не сонуваат. Според научниците, разликата не е во тоа дали сонуваме, туку колку лесно мозокот ги задржува тие сеќавања, пишува Лајв сајанс (Live Science).

Невронаучниците објаснуваат дека сите луѓе сонуваат, но соништата многу брзо исчезнуваат од меморијата по будењето. Поголема е веројатноста да се сетиме на сон ако се разбудиме за време или веднаш по фазата на сонување, кога мозокот сè уште може да ја зачува таа информација.

Истражувања покажуваат дека луѓето кои често ги паметат своите соништа имаат повеќе кратки будења во текот на ноќта. Тие не значат дека спијат лошо, туку му даваат можност на мозокот накратко да го „сними“ сонот во меморијата.

Научниците додаваат дека поживописните и поемоционалните соништа полесно остануваат во сеќавањето отколку обичните. Ако, пак, не се сетите на ништо неколку минути по будењето, тоа не значи дека не сте сонувале – најверојатно мозокот едноставно не ја зачувал таа информација.