Полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот при СВР Скопје е осомничен за продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување. По предлог на јавен обвинител од Специјализираното одделение при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка му одреди осумдневен притвор поради опасност од бегство.
Според Обвинителството, осомничениот во периодот од април до јули годинава, искористувајќи ја службената положба, во повеќе наврати постапувал незаконски и за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист, при што го оштетил Буџетот на државата за најмалку 85.500 денари.
Според досегашните докази, додека извршувал работни задачи во депото на ЈП „Градски паркинг“, за дел од возачите чии возила биле отстранети со пајак-служба поради непрописно паркирање, изготвувал прекршочни платни налози, но наместо глобите да ги наплати преку ПОС-терминал, ги земал во готовина.
За да ја прикрие злоупотребата, на записниците приложувал потврди од претходно извршени плаќања од други лица, додека парите што ги примал во готово ги задржувал за себе.
Обвинителството наведува дека во други случаи на возачи им изрекувал помали казни од законски предвидените, така што прекршоците ги квалификувал како полесни, иако фактичката состојба укажувала на потежок прекршок.
Исто така, за дел од лицата воопшто не изготвувал записници ниту наплатувал глоби, иако нивните возила биле донесени во депото на ЈП „Градски паркинг“. Наместо тоа, им дозволувал да ги преземат возилата уште истиот ден без да ја платат предвидената казна.
Јавниот обвинител побарал определување притвор, оценувајќи дека постои опасност осомничениот да избега, да го повтори делото или да влијае врз сведоците кои допрва треба да бидат сослушани.
Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и на осомничениот му определил мерка притвор во траење од осум дена.
































