Европски интеграции: Правото на самостојно одлучување повторно на тест преку референдумот во Исланд
- Исландскиот референдум закажан за крајот на август повторно демаскира некои аспекти на европската интеграција и начинот на кој дел од елитите од Брисел го пакуваат тој процес: Евроинтеграции втемелени на слободна волја наспроти евроинтеграции со политички притисоци, предизвик што Македонија одамна го чувствува на своја кожа
Постои едно правило што треба да биде неприкосновено во меѓународните односи. Секоја држава има право самостојно да одлучува за својата иднина, без разлика дали станува збор за избори, референдуми, уставни измени или за други клучни национални прашања. Таквите одлуки не смеат да бидат резултат на притисоци, туку исклучиво на волјата на граѓаните.
Токму затоа, пристапувањето кон некоја унија, сојуз или меѓународна организација треба да биде израз на слободен избор, а не процес во кој државата постепено го губи правото самата да одлучува за сопствените национални интереси. Ако цената за членство е откажување од сопствениот суверенитет, тогаш се поставува прашањето дали навистина партнерство меѓу еднакви или станува збор за класична уцена.
Европската Унија со децении се претставува како заедница изградена врз демократија, почитување на различностите и владеење на правото, па од тие причини најголемата обврска на Унијата е да покаже дека ги почитува суверените одлуки на народите, без разлика дали тие одлуки се совпаѓаат или не со политичките желби на Брисел.
Исланд бара сам да ја донесе својата одлука
Токму таква порака деновиве доаѓа од Исланд, каде што на 29 август граѓаните ќе се изјаснат дали земјата повторно треба да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Иако самиот референдум нема да одлучува за членството, туку само за продолжување на преговорите, дебатата веќе доби силна политичка тежина.
Лидерката на опозициската Партија на независноста, Гурун Хафштајнсдотир, јавно ги повика европските политичари да се воздржат од влијание врз процесот. Нејзината порака беше едноставна и јасна: „Исклучително е важно оваа одлука да ѝ биде оставена на исландската нација. Луѓето треба едноставно да ги остават Исланѓаните да поминат низ ова без странски влијанија“.
Во суштина, како што пишува бриселски „Политико“, таа не зборуваше против Европа како партнер, туку против мешањето во демократската волја на народот. Дополнително нагласи дека „пријателството не бара членство“ и дека Исланд може да биде силен европски сојузник и надвор од ЕУ.
Нејзината партија смета дека Исланд веќе има тесна економска и политичка соработка со Унијата преку Европскиот економски простор и Шенген-зоната и дека не постои причина клучните национални политики да бидат префрлени на институции надвор од државата.
Особено чувствително прашање за Исланѓаните остануваат рибарството, земјоделството и економската политика. Според противниците на членството, токму овие области се дел од националниот суверенитет и не треба да станат предмет на надворешно одлучување.
Интересно е што повиците европските функционери да не влијаат врз референдумот доаѓаат токму во период кога од Брисел пристигнуваат позитивни пораки за можниот рестарт на преговорите. Неколку високи европски претставници веќе отворено ја поздравија можноста Исланд повторно да се доближи до Унијата.
Но без оглед дали тие пораки се добронамерни или не, самото отворање на дилемата покажува колку е важно одлуката да остане исклучиво во рацете на граѓаните. Токму затоа исландскиот пример претставува потсетник дека европските интеграции имаат вистинска вредност само тогаш кога се плод на слободна волја, а не на политички влијанија.
Македонија одамна ја почувствува границата меѓу интеграцијата и суверенитетот
Ако Исланд денес предупредува европските политичари да не се мешаат во неговата демократска одлука, Македонија веќе има долг список на примери во кои надворешните барања директно навлегоа во прашања што традиционално се сметаат за исклучиво суверено право на една држава.
Најнапред беше промената на државното знаме. Потоа следуваше промената на уставното име на државата како услов за продолжување на евроатлантските интеграции. Денес, пак, главниот услов повторно е поврзан со уставни измени. И сите овие процеси беа спротивни на волјата на македонските граѓани, наметнати однадвор.
Без разлика на тоа како кој ги оценува овие процеси, останува фактот дека станува збор за најчувствителните национални прашања, за кои конечниот збор треба да го имаат граѓаните на државата, а не политички фактори надвор од неа. Тоа не е прашање дали некој е „за“ или „против“ ЕУ, туку дали принципот на суверенитет важи еднакво за сите.
Во последните години впечатокот е дека европските институции сè почесто директно навлегуваат во внатрешните политички процеси на државите. Такви критики можат да се слушнат во Македонија, но и во Молдавија, Романија, а сега и во Исланд, каде што дури и самата дебата се води околу тоа дали европските функционери треба јавно да влијаат врз исходот на референдумот.
Таквиот пристап постепено ја менува сликата за ЕУ. Наместо заедница што ги почитува националните специфики, сè почесто се создава впечаток за центар што настојува да ги обликува политичките процеси и одлуките на земјите што сакаат да бидат дел од европското семејство.
Токму тука лежи и најголемиот ризик. ЕУ никогаш не станала привлечна затоа што сите биле исти. Напротив, нејзината сила отсекогаш била во различностите – во различните јазици, традиции, идентитети, историски искуства и национални особености што заедно создаваат богат политички и културен простор.
Доколку европската перспектива почне да се врзува со впечаток дека за членство е неопходно постојано да се откажуваш од делови од сопствениот национален суверенитет, тогаш Унијата ризикува да ја изгуби токму онаа привлечност што со години ја правеше најпосакуваниот политички и економски проект во Европа.
Затоа и пораката што денес доаѓа од Исланд не е важна само за Исланѓаните. Таа е потсетник дека демократијата има смисла само тогаш кога народот самостојно ја носи својата одлука, без притисоци, без насоки и без политички туторства. ЕУ има право да нуди партнерство, аргументи и перспектива, но нема право да ја заменува волјата на народите. Ако навистина сака да остане заедница на демократиите, тогаш токму почитувањето на суверените одлуки треба повторно да стане нејзиниот најсилен принцип.































