Илустрација / Фото: МВР / Архива

На територијата на државата до 18 часот денеска се евидентирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои еден сè уште е активен, два се ставени под контрола, а 11 се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активен останува пожарот во Општина Македонски Брод, кај селото Грешница, на месноста Стојанова Населба, каде што гори ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.

Под контрола се пожарот на градската депонија во Делчево и пожарот кај селото Герман во Општина Ранковце, каде што е зафатена ниска вегетација.

Во текот на денот целосно се изгаснати 11 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во општините Желино, Гостивар, Виница, Зрновци, Битола, Прилеп, Долнени, Липково, Кратово, Неготино, Кавадарци и Карпош.

Според ЦУК, пожарите зафатиле претежно ниска вегетација, стрништа, грмушки, диви депонии, како и слама и отпад. Благодарение на навремената интервенција на противпожарните екипи, спречено е нивното понатамошно ширење.