Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи од 3 до 9 август спроведува засилени сообраќајни контроли во рамки на Европската недела на контроли, заедно со уште 34 европски земји, како членка на Асоцијацијата на европски сообраќајни полиции (ROADPOL).

Од МВР информираат дека акцијата е насочена кон откривање и санкционирање на возачи кои ја пречекоруваат дозволената брзина, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и нивните последици.

Поради зголемената фреквенција на возила во периодот на летните одмори, сообраќајната полиција ќе спроведува засилени контроли и превентивно-репресивни мерки на патиштата низ целата држава.

Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја приспособат брзината на условите на патот и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.