КОШАРКА – ФИБА ГИ ИЗДВОИ МАКЕДОНСКИТЕ РЕКОРДЕРИ ПРЕД ЕП ДО 16 ГОДИНИ
Пред почетокот на Европското првенство (ЕП) во дивизијата Б за кошаркари до 16 години, кое почнува утре во Скопје и во Гевгелија, Светската кошаркарска федерација (ФИБА) се потсети на најзначајните рекорди во историјата на ова натпреварување. Меѓу носителите се наоѓаат и двајца македонски репрезентативци, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Ненад Димитријевиќ и понатаму е лидер на вечната листа на асистенти во историјата на ЕП (до 16 години), дивизијата Б, со 94 асистенции, остварени на ЕП во 2013 и во 2014 година. Високо котира и Кристијан Николов, со 207 поени тој е на второто место на листата на најдобри стрелци во ова натпреварување. До овој ефект стигна на ЕП 2012, кога во просек реализира 25,9 поени по меч, што и денес е едно од најимпресивните индивидуални изданија на ЕП за кадети, пишува КФМ.
Новата генерација македонски кадети ќе има можност токму пред домашната публика да ја продолжи таа традиција и да испише нови страници во историјата на европската кошарка. Во пресрет на новото издание на шампионатот, кое повторно ќе се одржи во Македонија во конкуренција на 22 репрезентации, кои ќе се борат за трите места што водат во дивизијата А за 2027 година, овие рекорди се уште една потврда дека македонската кошарка оставила силен печат во историјата на европските младински првенства, велат од КФМ.
– На ЕП 2012 Македонија беше седма, а покрај Николов, меѓу првите пет стрелци беше и Андреј Магдевски со 161 поен (20,1 во просек по меч). Николов беше најдобар стрелец на ЕП 2012 со просек од 25,9 поени по натпревар, а неговите 207 поени и денес го држат на второто место на вечната листа на сите времиња во дивизијата Б. Димитријевиќ го постави својот рекорд од 94 асистенции на две последователни ЕП, во 2013 и 2014, што е најдобар резултат во историјата на ова натпреварување – пишува ФИБА, пренесе КФМ. Г.И.































