Македонскиот народен театар успешно ја заокружи сезоната 2025/2026
Македонскиот народен театар ќе ја започне новата сезона 2026/2027 со премиерата на претставата „Три сестри“, според драмата на А.П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември. Билетите за претпремиерната и премиерната изведба, како и за првата изведба, која е закажана за 5 октомври, се достапни во продажба од 24 јули, а публиката може навреме да ги обезбеди своите места и да биде дел од отворање на новата театарска сезона. Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, е современо читање на еден од најзначајните драмски класици.
Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола. Креативниот тим го сочинуваат: сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.
– Македонскиот народен театар успешно ја заокружи сезоната 2025/2026 – година исполнета со амбициозни продукции, значајни копродукции, многубројни гостувања, престижни признанија и силна меѓународна афирмација. Истовремено, сцената на МНТ беше домаќин на еминентни театри и уметници од регионот, меѓу кои Црногорското народно позориште, Народното позориште Белград, Словенечкото народно гледалиште – Марибор, Никшиќко позориште, како и повеќе независни продукции и авторски проекти. Во текот на сезоната, Македонскиот народен театар оствари многубројни гостувања во Македонија и во странство, меѓу кои во Будимпешта, Дубровник, Врање, Пожаревац, Ќустендил, Струмица, Куманово, Велес, Прилеп, како и на други фестивали и сцени, успешно претставувајќи ја македонската театарска уметност пред домашната и меѓународната публика – велат од МНТ.
МНТ реализираше 12 премиерни проекти, кои понудија жанровска и естетска разновидност – од современа светска и домашна драматургија, преку танцови и музички сценски форми, до големи сценски спектакли и копродукциски проекти („Ангели во Америка – Среќна фантазија на национални теми, дел I: Милениумот наближува“, „Драга Јелена Сергеевна“, „Варвари“, „Сонцето, колку е блиску сонцето“…). Сезоната ја обележаа и голем број копродукции со домашни и меѓународни партнери, потврдувајќи ја уште еднаш определбата на Македонскиот народен театар за отворање нови авторски поетики, современи сценски изрази и регионална соработка. Особено успешна беше фестивалската година. Претставите на МНТ освоија повеќе значајни награди во земјата и во регионот. Претставата „Страв и надеж“ доби гран при за најдобра претстава во целина и награда за најдобра музика на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. В.Д.































