Командантот на НАТО, адмирал Пјер Вандије, на Фокс њуз ја постави дијагнозата за кондицијата на Северноатлантската алијанса
- Командантот на НАТО за трансформација, адмирал Пјер Вандије, јавно призна на телевизијата Фокс њуз дека Алијансата се соочува со потреба од длабока внатрешна трансформација…
Последната изјава на командантот на НАТО за трансформација, адмирал Пјер Вандије, претставува ретко јавно признание дека Алијансата се соочува со потреба од длабока внатрешна трансформација. Имено, токму офицерот задолжен за идниот развој на НАТО отворено констатира дека „постојните системи на одбрана повеќе не се приспособени на современото војување“.
Во еден таков контекст, и други воени аналитичари зборуваат за „анахроност на системот на НАТО“, при што констатираат дека за сите тие мислења и ставови, станува збор за објективна експертска дијагноза, а не за политичка реторика.
Вандије: Војните од 21 век повеќе не се добиваат само со супериорна технологија, туку и со способноста технологијата брзо да се развива
Во анализата на командантот на НАТО за трансформација, адмирал Пјер Вандије, јасно се препознава искуството што НАТО го извлекува од војната во Украина и од конфликтите на Блискиот Исток.
Двете боишта покажаа дека традиционалните концепти на воздушна одбрана се создадени за сосема поинаква динамика на закани. Денешните масовни напади со беспилотни летала, крстосувачки и балистички ракети истовремено ја тестираат способноста на секој систем, без оглед на неговата технолошка напредност.
Особено е значајна оцената на Вандије дека не е реално да се очекува масовно производство на ракети „патриот“ во обем што би ги задоволил идните потреби. Со тоа тој отвора суштинско прашање што долго време остануваше во втор план – индустрискиот капацитет како клучен елемент на одбранбената моќ. Војните од 21 век повеќе не се добиваат само со супериорна технологија туку и со способноста таа технологија брзо, континуирано и економски одржливо да се произведува.
Токму затоа адмиралот предлага промена на логиката на војувањето. Наместо секоја закана да се пресретнува со најскапи системи, неопходно е воспоставување повеќеслојна архитектура во која поевтини средства ќе се користат против дронови и други нискобуџетни закани, додека најсофистицираните системи ќе останат резервирани за балистички ракети и за најсложените цели. Ова не е само техничка туку и економска трансформација на одбранбеното планирање.
многу брзо ја приспособуваат тактиката врз основа на искуствата од бојното поле
Дополнителна тежина има неговата оцена дека руските сили многу брзо ја приспособуваат тактиката врз основа на искуствата од бојното поле. Со тоа се потврдува дека современите армии функционираат како организации што учат во реално време. Во такви услови, статичните воени доктрини и бавните процедури за модернизација стануваат слабост сама по себе.
Според нашите соговорници, поранешни високи воени лица во АРЖ, сега воени аналитичари, „реструктурирањето на НАТО не треба да се сфати само како признавање актуелна слабост на системот туку и како показател за подготвеноста на една организација што има капацитет критички да ги анализира сопствените ограничувања“.
– Историјата покажува дека Алијансата повеќепати успешно се трансформираше – по Студената војна, по терористичките напади од 11 септември, а денес и под влијание на најголемите конвенционални конфликти во Европа по 1945 година. Всушност, пораката на адмиралот Вандије е дека иднината на НАТО нема да зависи само од бројот на членките или од висината на воените буџети, туку од способноста побрзо да се иновира, да се интегрира индустријата со военото планирање и да се воспостави систем што ќе биде истовремено технолошки напреден, финансиски одржлив и оперативно флексибилен – велат нашите соговорници, додавајќи дека „трансформацијата што ја најавува командантот за трансформација не претставува козметичка реформа, туку суштинско преиспитување на начинот на кој НАТО размислува за војувањето, производството на вооружување и за колективната безбедност. Ако оваа дијагноза биде проследена со конкретни реформи, Алијансата ќе ја зачува својата стратегиска релевантност и во следните децении. Ако не биде, современите закани ќе продолжат да се развиваат побрзо од системите што треба да ги неутрализираат – поентираат на крајот на разговорот нашите соговорници. Р.С.
Македонија и НАТО во контекст на коментарите на командантот на НАТО за трансформација, адмирал Пјер Вандије
Трансформацијата на НАТО – обврска и за Македонија
Пораките на адмирал Пјер Вандије не се однесуваат само на големите сили во НАТО туку и на сите земји членки, вклучително и Македонија, велат нашите соговорници, поранешни генерали на АРМ.
– Кога Алијансата ја менува својата стратегија, тоа неизбежно бара промени и во националните одбранбени системи. Војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток покажаа дека современото војување бара далеку поголема брзина на приспособување отколку што тоа го дозволуваат традиционалните воени модели. Затоа трансформацијата повеќе не е избор, туку стратешка неопходност. За Македонија тоа значи натамошна модернизација на Армијата, инвестиции во противвоздушната одбрана, беспилотните системи, сајбер-безбедноста и дигиталните комуникации. Но исто толку е важно и усогласувањето со новите НАТО-доктрини, заедничките стандарди и концептот на повеќеслојна одбрана што го промовира Алијансата – велат нашите соговорници.
Во излагањето на командантот на НАТО за трансформација, адмирал Пјер Вандије, на Фокс њуз, беше истакнато дека „новиот безбедносен амбиент бара и поинаков пристап кон одбранбеното планирање“.
– Фокусот повеќе не е само на набавка на современа опрема туку и на изградба на капацитети за брза адаптација, логистичка одржливост и интегрирано дејствување со сојузниците. Во тој контекст, Македонија не треба да биде само корисник на колективната безбедност, туку активен учесник во трансформацијата на НАТО. Ние ја имаме заменичката на генералниот секретар на НАТО и оттаму треба да имаме значајни насоки во кој правец треба да се движат не само трансформацијата на Алијансата туку и очекувањата за нашата трансформација во рамките на НАТО. Тие неформални брифинзи на иницијатива на Шекеринска треба да имаат некаков континуитет. Но дали таа ги иницира, ние не знаеме. Но секако знаеме дека успехот на Алијансата ќе зависи од подготвеноста на секоја членка да ги прифати и да се приспособи што побрзо и што поефикасно на новите принципи на современата одбрана. Затоа трансформативниот тренд што го најавува адмиралот Вандије треба да се разбере како долгорочен процес во кој модернизацијата на НАТО и модернизацијата на македонскиот одбранбен систем се две страни на истата стратегиска цел – изградба на поотпорен, пофлексибилен и поефикасен систем на колективна безбедност. И доколку педантно и прецизно сме информирани од втората највисока позиција во Алијансата, ќе имаме повеќе време успешно да фатиме приклучок на претстојната трансформација – велат нашите соговорници, поранешни воени лица, а сега воени аналитичари и стручни консултанти на „Нова Македонија“. Р.С.































