Фото: „Нова Македонија“

„ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ“ (7)
ОВЧЕПОЛИЕТО МЕЃУ ВАРДАРСКИОТ И ИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

  • Идниот развој на Овчеполскиот Регион зависи и од неговото одделување од вештачката административна поделба помеѓу Вардарскиот и Источниот Регион, за зачувување на културната автохтоност и домородната култура, традиција, производи и поефикасно употребување на ресурсите со кои располага плодородната Овчеполска Котлина. Природно, Овчеполието е границата помеѓу овие региони, за што потврдуваат и историските извори за старите патишта што минувале оттука, од чии траси некои се забележливи дури и ден-денес

Селските патишта што водат до овчеполските села се во лоша состојба, која сепак не претставува пречка за развој на алтернативен туризам, затоа што во сегашната состојба отсликуваат рурална слика што се вклопува во целиот потенцијал на Овче Поле. Иако во иднина може и треба да бидат обновени, нивната денешна состојба е доволна за да се овозможи посета на некои од горенаведените локации. Изградбата на автопатот Штип–Миладиновци, кој поминува директно низ Овче Поле, е совршена можност за создавање туристички центри и станици преку кои минувачите ќе можат да се информираат за убавините на Овчеполието. Постоењето на само две возни линии на железницата и недостигот од автобуска линија до Велес може да бидат надминати со организирани превози на потенцијалните туристи. Близината на главниот град Скопје и аеродромот „Александар Велики“ се дополнителна позитивна карактеристика на локацијата на Овчеполската Котлина и нејзиниот туристички потенцијал.
Она што е олеснителна околност е физичката близина на повеќе различни локалитети, како и можноста за создавање туристички патеки не само во низинскиот туку и во ридестиот дел на котлината. Предели со потенцијал за оф роуд возење, најчесто по необележани траси, велосипедизам, мототури, но и со можности за кампување воопшто не недостигаат во големото и пространо Овчеполие.
Селските и попатните чешми најчесто се со задоволителен квалитет, а поискусните патувачи и сами знаат да ја проценат состојбата на водата, во зависност од поставеноста на чешмата и временските услови. Разнообразноста на ридестите предели ги прави локации за различен вид на туризам, затоа што не само теренот туку и флората и фауната се разликуваат околу неколкуте големи врва во Овче Поле. Воздушната бања Ѓуриште е дестинација до која од подножјето, во пределот каде што се дели патот од Свети Николе (Горобински пат) на два патишта – до селото Горобинци и накај Ѓуриште, до врвот во близината на манастирот „Света Богородица“, може да се изгради жичница, со која не само како атракција туку и како олеснителна околност за највозрасните и најмладите би се зголемило движењето на луѓе во овие предели.
Санирање на постојните и, наместо нивно детално реновирање, делумна доизградба на нови локални патишта, кои ќе поврзуваат населби и места во Овчеполието (со демографските промени се менува изгледот на теренот, односно бројот на населби), како и овозможување автобуси за транспорт на локалните жители, но и на туристите, се предизвик за иднината што доаѓа. Близината, но и достапноста на општините Кратово, Пробиштип, Куманово, Штип, Велес ги прави Свети Николе и Лозово централен дел од Република Македонија, кој би можел да прерасне во вистински туристички резерват, што би придонел не само за подобрување на туристичката понуда и работната состојба во регионот туку и за подем на целата економија во државата.

Идниот развој на Овчеполскиот Регион зависи и од неговото одделување од вештачката административна поделба помеѓу Вардарскиот и Источниот Регион, за зачувување на културната автохтоност и домородната култура, традиција, производи и поефикасно употребување на ресурсите со кои располага плодородната Овчеполска Котлина. Природно, Овчеполието е границата помеѓу овие региони, за што потврдуваат и историските извори за старите патишта што минувале оттука, од чии траси некои се забележливи дури и ден-денес.
Уште пред една деценија, во стратегијата за развој на Вардарскиот плански регион, во повеќе наврати е споменато формирање КУД – компанија или канцеларија за управување со дестинацијата. Достапни информации за овој вид туристички менаџмент постојат во голем број книги, учебници и брошури од институции и организации, како што е „Destination Management Organization“ на англиски, односно организацијата што управува со туристичката дестинација. Формирањето национална компанија за управување со дестинацијата (дестинациски менаџмент) (КУД) би било вистинско решение за развој на туризмот во Република Македонија. Формирањето компанија за управување со дестинацијата (дестинациски менаџмент) (КУД) ќе претставува најважен субјект за развој на туризмот во државата. Активностите на КУД треба да се постават на тој начин што покрај заедничките општи промотивни, развојни и информативни активности (кои се непрофитни), треба да се спроведат и активности со профитен карактер, кои се најтесно поврзани со поттикнувањето на туризмот во регионот. КУД може да биде организирана мошне приспособливо, без преголем административен апарат.

Тоа значи дека одредени функции можат да се извршуваат со помош на надворешните партнери и изведувачи за поттикнување на развојот на КУД или поттикнување на постојните туристички агенции за зајакнување на рецептивните функции. Како локални даватели на услуги добро запознаени со ресурсите/атракциската основа на подрачјето, КУД се клучни во пласманот на сложените туристички тури, излети, кратки градски престои, случувања и манифестации, па и на нивното обликување на начин што ќе содржат елементи на интерактивност и едукација за посетителите, за да претставуваат „производи-доживувања“. Во стратегиите за развој на Источниот плански регион пишува дека допрва треба да се работи на „развој и воспоставување на управување со туристичка дестинација“. Светската туристичка организација ја има својата „Destination management and quality programme“, која одговара позитивно на растечката потреба за систематски, мултидисциплинарни и интерсекторски стратегии за туризмот на локално, регионално и национално ниво и особено е концентрирана за овозможување стратешко водство во менаџментот – управувањето на дестинациите. Програмата за дестинациски менаџмент цели кон поддржување на нејзините членови во нивните напори насочени кон овозможување издржлив развој на туризмот, максимизирање на економската, социјалната и културната придобивка за локалните заедници, развој на ефективни маркетинг и менаџмент-алатки за развој на конкурентноста на дестинацијата, координирање на новите продукти според пазарните трендови, потреби и интереси, овозможување соодветни истражувања за мерење на економското влијание на туризмот, како и за идентификување на стратешките приоритети на дестинацијата.
Ставањето во употреба на расположливите ресурси на Овчеполската Котлина, како засебен природен и културен регион, претставува обемна основа за работа на каква било организација, која за почеток, наместо компанија, би можела да функционира како локално биро/центар/канцеларија за управување со туристичката дестинација Овче Поле. Човечки ресурси за таков потфат со соодветно образование и работно искуство постојат, а создавањето првична организација за поттикнување на развојот на туризмот во Овчеполието би придонело и за подобрување на потенцијалот на регионот, ставање во употреба на практики и техники за развој, подигање на свеста за екологијата, обновливите природни ресурси и културното наследство и поврзување на официјалните институции со приватниот сектор и жителите на населените места во Овче Поле. Можностите за обезбедување туристичка издржливост, проширување на придобивките од туризмот и градење силен овчеполски бренд се достапни и кон крајот на втората деценија од 21 век треба да се стават во употреба за доброто на целото општество.

Информациите се најсилниот ресурс на 21 век. За да започнеме со организација на туристичката дестинација Овче Поле, најпрвин треба да се соберат потребните информации за научна анализа, планирање, прогнозирање, оформување стратегија, менаџмент и маркетинг на туризмот. Поради тоа што во општината нема архива со архивски документи и податоци, идната организација за управување со дестинацијата задолжително треба да оформи библиотека и архива, за полесно управување со потребните информации. Дигитализирањето и чувањето резервни хард-дискови речиси и не треба да се споменува во 21 век, затоа што веќе станува задолжително. За почеток, неопходно е:
» Групирање на постојните ресурси според нивните карактеристики, состојба, положба и старост;
» Определување пешачки патеки и туристички рути со различна содржина;
» Собирање, архивирање и дигитализирање книги, научни трудови, статистички и архивски документи, сведоштва, фотографии, видео и аудиозаписи, карти, мапи и други потребни податоци;
» Мотивирање на постојните капацитети и домаќинствата за вклучување во туризмот во регионот;
» Обезбедување информации за поволности за земјоделци и сточари што имаат интерес за вклучување во туризмот, преку овозможување организирани посети на нивните имоти;
» Проучување достапни начини и средство за конзервирање и итно зачувување на старите религиозни храмови што се распаѓаат;
» Обезбедување средства за научни истражувања во полза на развој на туризмот;
» Создавање организација/биро/центар/канцеларија за управување со туристичкиот потенцијал и маркетинг на туризмот во Овче Поле.
Додека се работи на горенаведеното, постојниот туристички потенцијал, од кој дел е детално разработен во овој труд, постојните традиции – како собирите на Говедар Камен, кои можат да се заштитат дури и како светско културно наследство, но и другите празници и нивните одбележувања, особено деновите посветени на Свети Никола, заедно со постојните туристички атракции во нивната сегашна состојба, треба да бидат активирани како туристички потенцијал за домашните и странските посетители и туристи. Организирањето на туристичкиот продукт во туристичката дестинација Овче Поле и неговата понуда треба да биде во сооднос не само со најновите спознанија од научните дисциплини менаџмент и маркетинг туку и ефикасно да ги вклучува модерните технологии и дигиталниот свет, со што би се поврзала автохтоноста на Овчеполието како засебен бренд со новите информатички можности, што би предизвикало ефикасно поврзување на понудата на дестинацијата со побарувачката на регионалниот туристички пазар.

Авторот е магистер по маркетинг- менаџмент, публицист и продуцент

м-р Никола Ристевски

(продолжува)