В недела нѐ чека уште еден натпревар, на кој сакаме со победа против Литванија да го завршиме циклусот и со тоа да го потврдиме пласманот на европското првенство, вели левиот бек Симона Маџовска
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Женската ракометна репрезентација на Македонија, која веќе се пласира на 16. Европско првенство (ЕП), кое од 28 ноември до 15 декември ќе се одржи во Швајцарија, Австрија и Унгарија, утре во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (18 часот, влез бесплатен), во последниот, шести меч од групата пет, ќе финишира против Литванија, селекција што беше победена и во првиот меч на гости (31-28).
Во вториот натпревар од оваа група, Шпанија дома го пречекува аутсајдерот Азербејџан.
– Среќни сме што по 12 години го остваривме овој успех преку квалификации. Утре нѐ чека уште еден натпревар, на кој сакаме со победа против Литванија да го завршиме циклусот и со тоа да го потврдиме пласманот на Европското првенство – вели левиот бек Симона Маџовска.
Македонија, која годинава по седми пат ќе учествува на ЕП, со Литванија (досега еднаш била на ЕП во 1996, 12-то место), одиграла седум меѓусебни квалификациски натпревари, од кои трипати за пласман на европско првенство (ЕП), а два за настап на светско првенство (СП). Притоа Македонките забележалe шест победи и еден нерешен резултат, додека горчината на поразот не ја почувствувале. На тие натпревари Македонија секогаш постигнувала над 30 гола, односно реализирала вкупно 227 погодоци или во просек 32,4 по натпревар, додека само еднаш примила над 30 или вкупно 175, односно во просек 25 гола по натпревар.
Првпат двете репрезентации се сретнаа во квалификациите за СП во 2005 година (група два), кога на турнирот во полскиот град Киелце одиграа нерешено, 34-34. Македонија потоа во бараж-мечот ја совлада поранешна Србија и Црна Гора со вкупни 51-50.
Македонија и Литванија вторпат се сретнаа во квалификациите за ЕП во 2010 година и двапати победија црвено-жолтите. На гости беше 33-19 (најефикасна беше Драгана Пецевска со седум гола), а дома беше 32-24 (Билјана Црвенковска и Елена Ѓорѓиевска најпрецизни со по шест гола).
Следуваа квалификациите за ЕП 2012 година, каде што македонските ракометарки повторно славеа со 32-24, но сега на гости (Елена Ѓорѓевска најефикасна со седум гола), додека во Скопје беше 34-25 (Мирјета Бајрамоска прв стрелец со девет гола). Следуваа квалификациите за СП 2021 (група два во Скопје), каде што Македонија ја победи Литванија со 31-21 (Сара Ристовска осум гола), но потоа во бараж-дуелот со Романија беше елиминирана. И во последните квалификации за ЕП 2024, кои завршуваат утре, Македонија славеше на гостински терен со 31-28 (најефикасна Сара Ристовска со девет погодоци).
На годинашното ЕП, 16-то по ред, ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните селекции. Г.И.
ГРУПА 5
Македонија – Литванија 18 ч.
Шпанија – Азербејџан 18 ч.
ТАБЕЛА
Шпанија 5 5 0 0 10
Македонија 5 3 0 2 6
Литванија 5 1 0 4 2
Азербејџан 5 1 0 4 2