Зошто престанувам редовно да пишувам за „Нова Македонија“? Од две причини. Првата, од пред две години сум член на Извршниот
комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а од денес почнува изборната кампања и сметам дека не е во ред да пишувам поради судир на интереси. Втората, по дванаесет години и веројатно над 420 колумни, време е просторот во „Нова Македонија“ да му го отстапам на некој друг
Пред дванаесет години, на 23 април 2012 година, „Терористички напад врз меѓуетничките односи“ посветен на свирепите убиства кај Смилковско Езеро беше мојата прва колумна за „Нова Македонија“ и мојот прв напис за мојот блог „Меѓутоа“. Во јули истата година, по 11 колумни, добив моја редовна колумна, секој четврток во „Нова Македонија“, на местото на Ана Мартиновска. Тогаш ја насловив мојата колумна „(Не)зрел за колумнист?“ Така ја насловувам и мојата колумна за 4 април 2024 година, која ќе биде моја последна редовна колумна. Првиот пат ги објавив моите мотиви, моите дилеми, како и вредносни и политички ориентации, на кои сега ќе сакам да се осврнам и можеби да го резимирам моето искуство. Но прво зошто престанувам редовно да пишувам за „Нова Македонија“? Од две причини. Првата, од пред две години сум член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а од денес почнува изборната кампања и сметам дека не е во ред да пишувам поради судир на интереси. Втората, по дванаесет години и веројатно над 420 колумни, време е просторот во „Нова Македонија“ да му го отстапам на некој друг.
Како што напишав тогаш, јас не сум новинар во „Нова Македонија“ ниту новинар воопшто, ниту по образование, ниту по професија и пишувањето за весник беше новина за мене. Често употребував прашални форми во моите наслови и колумни, не поради шпекулација, туку да поставам теза што треба да се аргументира и контрааргументира. Таквиот стил на пишување, рационален, понекогаш е премногу академски и недоволно личен. Ми остана предизвик колумните да бидат попривлечни – атрактивни и лесни за читање, разбирливи и во говорен јазик, да бидат едноставни. Но од друга страна тој сум, тоа е мојот начин. Како искуство ми се потврди тоа што Ерол Ризаов ми рече дека е полесно да се пишува дневна отколку неделна колумна бидејќи во неделната мора да избереш една од многуте теми. Тоа што редовното пишување ми помогна е да се фокусирам на одредена тема, да ја истражувам, да ги структурирам мислите. Исто така ја сфатив важноста на насловот, кој треба да привлече внимание, но да не забегате во сензационалистичка „кликбајт“ крајност. Работејќи за весник како „Нова Македонија“, под надзор на лектор, станав повнимателен како пишувам на македонски јазик.
Кога пишувате дванаесет години, оставате пишана трага, која е проверлива, за вашите ставови, за нивната објективност, за вашата професионалност. Со временска дистанца, со смирени емоции и самиот можете да согледате каде сте биле субјективни, пристрасни, каде сте погрешиле. А субјективности и грешки се случуваат, ми се случувале и мене. Но со голема сигурност може да тврдам дека сум останал доследен на мојот вредносен систем, на мојата политичка ориентација (десен центар) и на мојата гордост на родниот крај и на татковината Македонија.
Тука вреди да одговорам и на критиката за мојата независност, како тврдам дека сум независен, а сум станал член на ВМРО-ДПМНЕ. Пред дванаесет години сум напишал дека „моите ставови може да личат на ставови на една од многубројните политички партии, но со сигурност моите колумни биле, се и ќе бидат резултат на мојата глава“. Независен не значи немање став, вклучувајќи и политички став, туку значи дека не зависите од политичка партија или друг центар на моќ, на ниту еден начин, ниту раководно, ниту финансиски, ниту клиентелистички. Две години пишував како член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, но од првиот момент во својот потпис го обзнанив тоа, за да биде транспарентно информиран секој читател дека тоа што го пишувам може да има судир со мојата функција.
Покојниот Блаже Ристовски, пред триесетина години, тогаш потпретседател на Владата, ми даде како на претседател на Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ неколку совети, од кои едниот беше дека секој има избор да биде јавно или приватно лице, а како јавно лице некои ќе те сакаат, а некои нема да те сакаат. Од рано во својот живот почнав да прифаќам критики, како начин на подобрување. Секако, потешко е справувањето со навреди, лаги и клевети, а колку сте појавна личност толку повеќе се соочувате со тоа. Но тоа не ме попречило да го задржам нивото на политичка култура и дијалог, јас никого да не вреѓам или клеветам, а на навредите и клеветите не одговорам на ист начин. Длабоко верувам дека тоа е единствениот правилен начин на комуникација.
Единствено нешто што ме фрустрираше во сите овие дванаесет години е дека немаше прогрес, немаше развој, туку имаше стагнација и уназадување во земјава. Мои написи како „Мојот прекрасен Охрид“ или други, можев, а некои и повторно ги објавив, по три или пет години и ништо не беше сменето, и по три или пет години беа актуелни како тогаш да се првпат пишувани. Веројатно таа фрустрација ме поттикна да ја напуштам мојата комфорна зона и да станам партиски активен.
Благодарност до „Нова Македонија“, раководството и до редакцијата за дванаесетгодишната соработка, која ќе продолжи, но не како редовен колумнист. И на крајот, огромна благодарност до читателите на „Нова Македонија“, кои со своите коментари ме мотивираа да пишувам дванаесет години!
Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Блог www.megjutoa.mк @sklek