Ќе повлече ли сидрото напред?

Еуфорично најавуваната револуционерна борба против корупцијата и
криминалот во 2015 година не само што не даде никаков резултат туку
токму водечките борци против заробената држава, кои подоцна станаа функционери на власта, дозволија надградба на коруптивните модалитети до совршенство, па денес не може да се препознае што е легално, а што нелегално. Во таа борба против корупцијата и криминалот судството достигна историско ниво на доверба од едвај 3 проценти, а специјалното јавно обвинителство стана предмет на политички отстрел. Како вовед во ова историско ниво на доверба од 3 отсто беше формиран Совет за реформи во судството во кој беше нормално премиерот да биде претседател на советот и никој не најде дека тука има конфликт на интерес и директно влијание врз судството. Напротив, во тоа време тоа беше поздравено со овации и се
сметаше како нешто револуционерно и најнормално, дури и авангардно решение со кое, ете, премиерот презема одговорност за состојбите во судството

 

Предизборната кампања започна бледо и траљаво бидејќи ниту една политичка партија, барем засега, не нуди решение за клучното прашање, а тоа е како новата власт ќе се справи со корупцијата и криминалот, кои, според приложеното дома, а и по оцена на официјалните претставници на ЕУ и на амбасадорката на САД добиваат епидемиолошки размери и претставуваат единствена пречка за напредокот и развојот на државата кон ЕУ-интеграциите.
Сите други прашања што се однесуваат на Преспанскиот договор и на имплементацијата на францускиот предлог се политички прашања за кои секому му е повеќе од јасно дека е прашање на време, формат и тајминг кога ќе има нивна целосна реализација со политички консензус.
Еуфорично најавуваната револуционерна борба против корупцијата и криминалот во 2015 година не само што не даде никаков резултат туку токму водечките борци против заробената држава, кои подоцна станаа функционери на власта, дозволија надградба на коруптивните модалитети до совршенство, па денес не може да се препознае што е легално, а што нелегално.
Во таа борба против корупцијата и криминалот судството достигна историско ниво на доверба од едвај 3 проценти, а специјалното јавно обвинителство стана предмет на политички отстрел.
Да се потсетиме дека како вовед во ова историско ниво на доверба од 3 проценти беше формиран Совет за реформи во судството во кој беше нормално премиерот да биде претседател на советот и никој не најде дека тука има конфликт на интерес и директно влијание врз судството, напротив, во тоа време тоа беше поздравено со овации и се сметаше како нешто револуционерно и најнормално, дури и авангардно решение со кое, ете, премиерот презема одговорност за состојбите во судството.
Тоа траеше сѐ до моментот додека на некои од членовите на советот од редот на професорите не им се заблагодарија на услугите, а да не зборуваме за тоа што до денес не добивме одговор на прашањето што всушност работеше тој совет и која беше неговата вистинска улога и кои се резултатите од неговото формирање до денес.
Фактите говорат дека од 2015 година до денес постои основано сомневање за прелевање на дел од „првобитната акумулација на капиталот“ на дел од старите на дел од новите властодршци и тука човек не треба да биде многу мудар и паметен, доволно е да се видат фотографиите од 2015/2016 на дел од сегашните што денес бараат нов мандат и веднаш ќе се види евидентен брз еволутивен развој во секоја смисла на зборот.

Непроверените гласини за акумулирање скриена сопственост, конфликт на интереси, трговија со влијание и тоа кој од нив станал проактивен чинител во бизнис-структурите без чиј амин не може ама баш ништо да помине ако токму тие немаат финансиски и политички интерес, се прашања со кои оваа структура на Јавното обвинителство очигледно нема интерес да се позанимава.
Некои од ликовите за кои непроверено зборува чаршијата, во 2015/2016 чекајќи го распоредот по министерства и ја ослободуваа заробената држава од внатрешниот и надворешниот непријател, изгледаа онака збунето, тивко, кротко и скромно, но како што вели нашиот народ „тивка вода брег рони, до првата фотелја, а потоа кога ќе тргне – не може да застане“.
Црните листи на кои се најдоа луѓе што беа носители на клучните функции дополнително го зацрнија имиџот на државата бидејќи Стејт департментот на САД со тоа потврди дека токму тие луѓе што раководеле со клучните ресори биле извор на трговијата со влијание и корупцијата, што во секоја нормална држава е сериозно обвинување за што се очекува да постапи јавен обвинител или сепак обвинителот одлучил да причека исход од жалбена постапка по жалбите на неправедно обвинетите, а дополнително во предизборен период каква било постапка може погрешно да се протолкува како предизборен притисок.
Мантрајќи во изминативе години кој е за ЕУ, а кој не, останува впечатокот дека во таа мантра постојано се зголемувал коалицискиот влог кога е во прашање купување на политичкиот мир во интересот за делење тендери за јавни набавки.
Влогот се зголемил до ниво на збратимена измена на КЗ, па така, денеска злоупотребата во постапките за јавните набавки и не е нешто што би создавало грижа кај тендерашите во иднина.
Па ајде ќе каже човек морало да има тендери за општонародно добро, но факт е дека оние 785 километри изградени патишта можат да ги видат само актуелниве предизборници, никој друг не може да ги види, за разлика од Србија во која кога ќе влезеш не треба никој да ти каже дека се изградени околу 1.000 километри модерни автопатишта.

За автопатот Кичево – Охрид веќе никој не зборува бидејќи сепак чувството за срам на некој начин подразбира и пристојност, а тоа значи човек да премолчи и да се воздржи од коментар кога тие што денеска бараат нов мандат ќе кажат дека тоа е 80 проценти завршен проект во нивно време. Како ги пресметуваат процентите по завршени фази на проект веројатно само тие знаат, но како и да е, успешноста на завршените 80 проценти зависи од новиот анекс за нови пари, а отчетот за досега потрошените со неколку анекси не е даден и, како што стојат работите, нема ни да се даде.
Злоупотребата на ЕУ-фондовите е посебна приказна. Додуша кај нас кога ќе кажеш дека се украдени 2,2 милиони евра од ЕУ-фондови на онолку украдени и изнесени милијарди за кои никој до денес не понесе одговорност и остана без реакција од Јавното обвинителство, навистина и не е некоја вест што може да предизвика реакција за постапување на Јавното обвинителство.
Директорот на националната агенција за европски образовни програми баш онака збунет со напишано известување јавно ни ја соопшти оваа радосна вест дека се украдени само 2,2 милиони евра од програмата „Еразмус плус“, кои треба да ги вратат даночните обврзници навикнати да враќаат многу поголеми пари и со тоа во голема мера ни олесни како даночни обврзници и на наше огромно задоволство испрати моќна предизборна порака – има разлика, не сме исти како претходните, со нас враќате многу помалку од украденото.
За жал, во оној непрекинат временски круг на промени останавме на нивото слабите луѓе да создаваат тешки времиња и никако да дојдеме до нивото каде што силни и реализирани луѓе градат добри времиња, едноставно политичката матрица е создадена да не им дозволи на силните и реализирани луѓе да излезат на површина.
Поради сето погоренаведено искрено се надевам дека во изборната понуда на политичките партии ќе се најде место да се отвори прашањето за одговорност и вистински решенија во борбата против корупцијата и криминалот, како и против трговијата со влијание, кое за разлика од она антологиско сидро што влечеше напред ова сидро сериозно ги поткопува темелите во корист на поединецот, а на штета на државата, решенија преку уставни измени заради формирање национално биро за истраги како независно тело надвор од МВР, специјален суд и специјално јавно обвинителство, но не како политички органи како досега во форма на ад хок решение, кое кога нема да им се допадне на политичарите или ќе почне опасно да задира во нивните интереси, ќе биде веднаш ставено на дневен ред за отстрел во парламентот.

Автор: м-р Владимир Туфегџиќ, адвокат