ЕУ ќе мора да ги прошири регулативите што ѝ дозволуваат на Полска да субвенционира електроцентрали на јаглен по 2028 година, бидејќи мора да го користи тој извор на енергија додека не ја изгради својата прва нуклеарна централа во следната деценија
ЕУ ќе ѝ дозволи на Полска да субвенционира електроцентрали на јаглен и по 2028 година
Полскиот енергетски систем има апсолутна неопходност од термоцентрали на јаглен. Таквата констатација на полската влада беше презентирана и во Брисел, при што ЕУ ќе мора да ги прошири регулативите од оваа област за да не дојде до енергетски и економски колапс на Полска. Паралелно со тоа, Полска гради и нуклеарна централа, одобрена од ЕУ, која ќе помогне за енергетски и економски развој.
– Системот има потреба од термоцентрали на јаглен и тие ќе се користат додека не бидат заменети со нуклеарни централи – рече Масиеј Бандо, заменик-министер за клима задолжен за стратегиска енергетска инфраструктура. Заменик-министерот од Полска јасно го искажа тоа во интервју за реномираниот „Ројтерс“.
Полските електроцентрали на јаглен во моментов произведуваат 60 отсто од електричната енергија и го балансираат нестабилното производство на електрична енергија од обновливи извори. Варшава планира да изгради нуклеарна централа со голем капацитет до 2033 година.
– Во идеален модел, нуклеарните централи би ги замениле термоцентралите на јаглен, но перспективата е за период подолг од 10 години – изјави заменик-министерот Бандо.
Според него, Полска треба да го искористи фактот што и други големи земји од ЕУ преговараат со Брисел за поддршка на ваквите електроцентрали. Германија на тој начин бара од ЕУ дозвола за план за субвенционирање на гасни постројки.
– Ова е моментот кога со заеднички напори сите заинтересирани страни можат да добијат продолжување на тој рок – рече тој.
Европската комисија (ЕК) не одговори веднаш на барањето на медиумите да ја коментира изјавата на полскиот заменик-министер. Бандо, исто така, рече дека Полска не треба да го прошири планираниот пловечки терминал за ЛНГ во Гдањск пред 2030 година, со оглед на послабата побарувачка. Претходната влада сакаше уште еден пловечки терминал за складирање и гасификација на приемен капацитет од 4,5 милијарди кубни метри гас годишно како дел од објектот што државниот гасоводен оператор „Газ-систем“ планира да го изгради до почетокот на 2028 година.
– Врз основа на анализата подготвена од „Газ-систем“, анализирајќи ги сегашната и идната побарувачка за гас, не гледаме потреба од изградба или инсталирање друг терминал – рече Бандо.
Значи, се чини дека во наредните години, односно до крајот на 2030 година, нема да има потреба од друг блок. Во ноември „Газ-систем“ објави дека тендерот за проширување на терминалот не привлекол доволно заинтересирани купувачи. Варшава објави дека сѐ уште преговара со своите чешки, словачки и унгарски партнери за проширувањето. Р.С.