Четврти ден се одвива потрагата по малата Данка Илиќ, двегодишното девојче кое исчезна во вторникот околу 13.45 часот во приградската населба Бањско Поле, во близина на Бор, во Србија. Мајката раскажала како Данка исчезнала од дворот на семејната куќа додека одела да му даде вода на постарото дете. Родителите биле сослушани во полиција, а на мајката и бил одземен мобилниот телефон. Полицијата завчера околу 17.30 часот го прекина претресот на теренот.
– Сите досегашни резултати укажуваат дека девојчето не е на овој простор од околу 10 квадратни километри – соопшти полицијата.
Родителите на Данка вчера цел ден биле во полиција на распит. Полицијата ги разделила и спиеле во различни куќи. Багери, полицајци и пожарникари пристигнаа околу куќата каде исчезна девојчето, сечеа дрвја околу куќата и го исчистија просторот и копаа. Досега полицијата сослушала повеќе од 50 лица.
Синоќа се појави вест дека тројца мажи се уапсени во Босна и Херцеговина. Според медиумите, тие на Тикток објавиле дека имаат информации за исчезнувањето на Данка и барале пари во замена за оваа информација. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека еден од нив рекол дека Данка е во неговиот подрум. Како што се дознава, тие на распитот рекле дека само се шегувале.
Врз основа на тие информации, Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина ги уапсила Б.Т, З.Т и М.Т, извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дал осомничениот се лажни. Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, согласно законот, ќе го изведе осомничениот кај надлежниот обвинител за понатамошно постапување.
Во потрагата по девојчето учествуваат стотици припадници на полиција, жандармерија, ГСС, ловџии. Беа распоредени и беспилотни летала, со термални камери, а хеликоптерска единица го надлетува теренот.
Иако полицијата во средата соопшти дека потрагата на терен се прекинува, бидејќи сè укажува дека девојчето не е во областа од која исчезна, полициските сили и спасувачките екипи сè уште се на терен.