Фото: Принтскрин/Јутуб

Советникот на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Михаил Подољак изјави дека Украина наводно не е вмешана во терористичкиот напад на концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Москва.

– Како прво, Украина се бори со руската армија повеќе од две години. И сè во оваа војна ќе се решава само на бојното поле. Само по количина на оружје и квалитетни воени одлуки. Терористичките напади не решаваат никакви проблеми – напиша Подољак на социјалната мрежа „Екс“.

Второ, додава тој, Украина никогаш не прибегнала кон употреба на терористички методи.

– И трето, долго пред настаните во „Крокус Сити Хол“ слушнавме јавни предупредувања од странските амбасади стационирани во Москва за можноста од такви крвави ексцеси – наведува Подољак.

Маскирани вооружени лица отворија оган во концертна сала во Красногорск, територија во непосредна близина на главниот град Москва. Нападот се случил во „Крокус Сити Хол“ во Красногорск, административниот центар на московската област, за време на концерт.


Белата куќа работи на собирање информации за нападот

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека Белата куќа работи на собирање повеќе информации за нападот кај Москва.

– Нашите мисли очигледно ќе бидат со жртвите на овој ужасен, ужасен напад со пукање – рече тој на редовниот брифинг со новинарите.

Американскиот Стејт департмент објави известување до Американците во Москва да избегнуваат поголеми собири „за своја безбедност“, рече тој и побара да останат во контакт со Стејт департментот за дополнителни информации.