Во еден подолг период, Централниот совет на Македонците, како организација што ја обединува македонската дијаспора во Германија, презема повеќе активности што се насочени кон промовирање на македонските национални особености – историја, јазик, култура, обичаи итн. Во овој контекст е и извонредниот ангажман на Флориан Вист, научник за Југоисточна Европа, во истражувањето на македонската историја и промовирањето на македонското културно наследство. Флориан Вист е првата личност што побарала поддршка за својата докторска теза, научно истражување што опфаќа повеќе сегменти од македонското национално битисување, од страна на Централниот совет на Македонците во Германија. Неговото настојување за продлабочување на истражувањата наиде на поддршка од страна на претставниците на македонската дијаспора во Германија, бидејќи постојат многу теми и аспекти на македонската историја и култура што не се доволно проучени. Конкретно станува збор за научно истражување што е насочено кон длабоко разбирање на сложената динамика на процесот на изградување на македонската нација, како и ирационалните негирања на македонската историја од страна на Софија и Атина
Централниот совет на Македонците од Германија со активности во континуитет за промовирање на македонските национални особености – историја, јазик, култура, обичаи…
Флориан Вист е политички и историски научник за Југоисточна Европа што студирал во Касел и Јена, Германија. На Универзитетот „Фридрих Шилер“ во Јена избрал студиски да изучува албански, бугарски и грчкиот јазик, а македонскиот јазик го изучувал приватно. Вист ја истражувал и македонската историја, особено оние делови за кои сѐ уште искажуваат претензии соседните држави Република Бугарија и Република Грција. Флориан Вист ја истражувал и улогата на Македонската православна црква во националниот обединувачки процес на македонскиот народ, но и црковниот спор со Српската православна црква. Овој млад истражувач, во својата докторска дисертација посветува внимание и на македонската дијаспора. На оваа тематика се насочил бидејќи дијаспората има значајна улога во одржувањето на македонскиот идентитет преку пренесување спомени во форма на музика, танци, облека, празници, ритуални предмети или инструменти, пренесување на јазикот и религијата, посочува Вист.
– Покрај обичаите, носиите, музиката, кулинарските традиции, јазикот и религијата, емигрирале и конфликтите на Македонците, како што е националниот и верскиот притисок од соседните држави, кој често се пренесувал на заедниците во дијаспората и нивните организации. Ова првенствено се однесува на грчката дијаспора и, второ, на бугарската дијаспора, што значи дека разгледувањето на овие извезени конфликти, како и влијанието на македонската дијаспора врз македонското општество и држава е многу важно за процесот на градење нација на Македонците – вели Флориан Вист.
Според него, постојат само неколку истражувања за македонската дијаспора во Австралија и САД. Научната работа за организацијата, координацијата, вмрежувањето и активностите на групите од македонската дијаспора целосно недостига, особено во европски контекст.
– Имајќи го тоа предвид, веќе сум направил интервјуа со Мето Колоски (ОМД – Обединета македонска дијаспора, САД), Вера Секуловска (ОМД Австралија), Стојко Стојков (OMO „Илинден“ – Пирин, Бугарија), Никола Ѓурѓај („Илинден“ – Тирана, Албанија), како и со мојот пријател проф. Павлос Воскопулос (Партија на виножито / Ouránio Tóxo / Виножито, Грција). Со Павлос Воскопулос се сретнав и лично минатата година во Лерин (Флорина) – вели Флориан Вист.
Од Централниот совет на Македонците во Германија изразуваат најискрена благодарност до Флориан Вист за неговата неуморна посветеност и револуционерски истражувачки придонеси за македонската историја и идентитет.
– Неговата посветеност на проучувањето и пренесувањето на нашето културно наследство е од непроценливо значење и без сомнение ќе помогне да се обезбеди македонската историја да го заземе заслуженото место во светската историја. Ние сме длабоко импресионирани од револуционерната работа на Флориан и неговото длабоко разбирање за сложената динамика на процесот на градење нација на Македонците. Неговата докторска дисертација нека биде пресвртница во истражувањето и придонес за сензибилизирање на светот за богатата културна различност и историско значење на Македонија. На Флориан Вист му посакуваме сè најдобро за неговата докторска дисертација и за сите негови идни напори. Неговата неуморна заложба за зачувување и ширење на македонскиот идентитет нека продолжи да дава резултати и да ги инспирира идните генерации – нагласуваат од Централниот совет на Македонците во Германија. Д.Ст.
Флориан Вист: Моето истражување во Грција беше исполнето со многу националистички и ревизионистички изливи, обиди за заплашување, па дури и лични закани
Флориан Вист е политички и историски научник за Југоисточна Европа што студирал во Касел и Јена, Германија. Македонскиот јазик го изучувал приватно поради немањето можност за изучување на овој јазик при студирањето, а на Универзитетот „Фридрих Шилер“ во Јена избрал студиски да изучува албански, бугарски и грчкиот јазик. Во претходните истражувања, преку теоријата на распадот на државата, се занимавал со проблематиката што е поврзана со губењето на државниот суверенитет на Македонија преку етничкиот конфликт помеѓу Албанците и Македонија, како и со непризнавањето на македонската нација и држава од страна на Република Грција и Република Бугарија. Исто така се занимавал и со истражувањето на проектот „Скопје 2014“, како проект што е македонска национална репрезентација во јавниот простор. Вист исто така ја истражувал и македонската историја, особено оние делови што се претендирани од страна на соседните држави Република Бугарија и Република Грција, како и улогата на Македонската православна црква во националниот обединувачки процес на македонскиот народ, но и црковниот спор со Српската православна црква.
Во однос на докторска теза, Флориан Вист се насочил кон истражување на внатрешните и надворешните влијанија во процесот на национално формирање на македонскиот народ. Оваа тематика му се наметнала сосема природно, бидејќи претходно проучил повеќе области од македонската историја, а сега само ги продлабочил.
– Тезите се градеа една врз друга во подобласти и преку студирањето за Југоисточна Европа, специфично избрав модули што тематски се ориентирани кон регионот на Македонија. Преку многу лични и научни контакти и истражувачки патувања можев да ги зголемам веќе стекнатите познавања – вели Флориан Вист.
Како клучно искуство, Флориан Вист го истакнува престојот во Грција, бидејќи само кога ги споменувате Македонците во негрчки контекст, како Германец, јасно чувствувате антипатија, а државата да се нарече „Скопје“ или населението „Бугарија“ е уште „пријателски“.
– Коментарските секции на едно истражување во Грција беа исполнети со многу националистички и ревизионистички изливи, обиди за заплашување, па дури и лични закани. Во Грција, „македонскиот“ сè уште се чувствува како нешто заканувачко – вели Вист.
„Основање на независната Република Македонија“ од д-р Дејан Маролов и м-р Оливер Митев
Книгата „Основање на независната Република Македонија“ од Дејан Маролов и Оливер Митев е финансирана од Централниот совет на Македонците во Германија и преведена на германски јазик со цел да ѝ се овозможи на широката публика да го запознае македонскиот аспект на историјата. Преку оваа книга, намерата е да се овозможи македонската историја да го најде своето заслужено место во библиотеките и универзитетите, така што ќе се предава на основа на факти.
Конкретно книгата се занимава со процесот на создавање независна Република Македонија и се надоврзува на севкупниот процес на дезинтегрирање на поранешните источноевропски еднопартиски општества, вклучувајќи и она на СФР Југославија, и промовирањето на политичкиот плурализам и демократијата, како основни конституенти на модерните општества. Македонската независност е трасирана со референдумот на 8 септември 1991 година, за веднаш потоа да следува период на внатрешно консолидирање и дипломатска борба за меѓународно признавање. Дипломатската иницијатива, како и севкупните односи со ЕЗ и САД, резултира со прием на Република Македонија (под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија) во Организацијата на Обединетите нации.
Книгата го опфаќа и наредниот приод, односно до есента 1995 година, како резултат на пошироката меѓународна регионална интервенција во поранешна Југославија, како и блокадата од Република Грција, Република Македонија се најде во тешка и комплексна состојба. Како резултат на т.н. спор за името, Грција воведува еднострано трговско ембарго, а блокадата е дополнета со неможноста за интеграција на Република Македонија во другите меѓународни организации и иницијативи.
Централниот совет ја обединува македонската дијаспора во Германија
Централниот совет на Македонците во Германија е непрофитно, непартиско и невладино здружение што се стреми кон духовно, културно и економско обединување на Македонците во Германија, како и унапредување и продлабочување на македонско-германската соработка. Освен тоа, Централниот совет на Македонците ги застапува интересите на македонската заедница и ги поддржува македонските здруженија за ефективно исполнување на нивните задачи и цели, оттука постојано ги охрабрува сите заинтересирани невладини организации, здруженија и граѓани да се приклучат кон заедничките цели, да ги подобрат животниот стандард на Македонците во општеството во кое живеат, својата татковина и светот, да ја одржуваат и шират македонската култура и да ги бранат човековите и националните права на македонскиот народ.
Претседател на Централниот совет на Македонците во Германија е Роберт Кленкоски, кој наедно е и првиот Македонец што е избран во Комисијата за учество и интеграција на окружното собрание Штеглиц-Зелендорф во Берлин.