Прочка е голем верски празник. На тој ден се собиравме сите дома и си ги простувавме грешките што во текот на годината не сакајќи сме ги направиле.
Кога дојде Прочка се собравме вечерта сите дома и баба ми ни рече:
– Ајде сега да се простиме!
Потоа застана пред дедо ми.
– Прости ми мажу, ако нешто сум ти згрешила! – му рече таа.
– Простено ти е жено, но јас колку што знам никогаш во животот не си ми згрешила! – ѝ рече дедо ми.
– Простете ни сакани родители, ако и ние сме ви згрешиле!
– Простено нека ви е! – рекоа во еден глас дедо ми и баба ми.
Сега ни дојде редот и ние да се простиме. Отидоа прво постариот брат и сестра, а потоа и ние помладите. Кога ми дојде редот мене, застанав пред дедо ми, баба ми, татко ми, мајка ми и братот и сестрата и им реков:
– И мене простете ми, ви се молам! – и почнав да им ги бакнувам рацете. Сите ми даваа по една паричка.
Кога завршивме со простувањето седнавме околу софрата на богата вечера. По вечерата татко ми зеде едно излупено јајце, го врза со долг конец и почна да го ламка пред нас.
– Ајде сега да видиме кој од вас ќе биде најсреќен. Оној што ќе го лапне јајцето со уста без да го фати со раце, тој ќе биде најсреќен… – ни рече.
Потоа почна јајцето да го ниша пред устите.
– Уф! За малку ќе лапнев! – рече постариот брат.
– И јас! – рече постарата сестра.
Кога се доближи јајцето до мојата уста јас го лапнав.
– Браво! Ти ќе бидеш најсреќниот оваа година! – ми рекоа сите.
– А јас? – почна да плаче помалиот брат.
– И ти ќе бидеш среќен! – му рече дедо ми. – Отвори ја устата.
Брат ми ја отвори устата и дедо ми му стави друго варено јајце.
Сите ние се насмеавме.
Потоа дедо ми ја зеде гајдата и почна да свири. Ние почнавме да пееме и да играме. Потоа отидовме на големиот оган надвор.
Така ја прославивме Прочка. На тој ден сите си ги простувавме грешките и си ја прочистувавме душата.