Фото: З.А.

На почетокот на оваа седмица започна поставување на атмосферска канализација на булеварот „Рудничка“ во Кичево. Во рамките на овој зафат, една од најважните сообраќајници во градот, ќе добие и нови тротоари со бекатон плочки и нов асфалт на двата коловоза.

– Од почетокот на оваа седмица започнавме со осовременување на една од клучните сообраќајници во градот булеварот „Рудничка“. Со овој зафат ќе биде поставена нова атмосферска канализација на целата должина од булеварот, а во исто време ќе бидат поставени и нови бекатон плочки на тротоарите. Во завршниот дел од ова реновирање е поставување на нов асфалт на двата коловози, со што булеварот ќе стане една од најсовремените градски сообраќајници – истакна Дарко Белески, одговорен за реализација на овој проект од општина Кичево.

Тој нагласи дека атмосферската канализација финансиски ќе ја покрие ЕЛС Кичево, додека тротоарот и коловозот финансиски ќе бидат поддржани со средства обезбедени од Светска банка. Потврди дека овој зафат треба да биде целосно завршен во наредните три до четири месеци. З.А.