Системите за греење со гас, како и системите за греење со чиста нафта, повеќе нема да смеат да се користат, прецизираат новите директиви на ЕУ. Се наведува дека од 2028 година повеќе нема да се поставуваат нови системи за греење со гас, а од 2040 година веќе нема да се користат системи за греење со нафта и гас. Директивата, усвоена од Европскиот парламент, предвидува дека фосилните горива ќе бидат дозволени само до крајот на 2039 година, пренесуваат медиумите.
– До 2040 година не треба да има повеќе котли за фосилни горива – се наведува во директивата.
Тоа значи дека милиони домаќинства што се греат на нафта и гас ќе мора да се префрлат на обновливи извори на енергија до 2040 година.
Новата директива на ЕУ треба да стапи во сила напролет и мора да биде имплементирана во националното законодавство на земјите членки во рок од две години. Ако не се случи тоа, постои ризик од казни и постапки за прекршување на ЕУ.
Иако плановите на ЕУ стапуваат во сила дури кога земјите членки на ЕУ ќе се согласат со планот, во повеќето случаи тоа е само формалност. Тоа значи дека раната замена на системот за греење со гас и нафта е релативно безбедна опција.