Фото: Пиксабеј

Техно

„Епл“ прави големи промени во „Епл стор“ во Европа поради новите правила на ЕУ. Дали тоа може да значи дека ајфон ќе биде поподложен на хакирање? „Епл“ ја отвори вратата за дигиталната тврдина на ајфон поради регулаторните мерки во Европа што се обидуваат да им дадат поголем избор на потрошувачите. Имено, потрошувачите ќе можат да преземаат апликации за ајфон од продавници што не се на „Епл“ и ќе добијат алтернативни начини на плаќање.
Европските регулатори се надеваат дека промените наложени со Законот за дигитални пазари ќе ја олабават контролата што големите технолошки компании „дигитални чувари“ ја стекнаа врз производите и услугите што ги користат потрошувачите и бизнисите. Мерките стапија во сила само неколку дена откако регулаторите на ЕУ го казнија „Епл“ со речиси 1,8 милијарда евра поради спречување на конкуренцијата на пазарот за стриминг-музика.
„Епл“ многу ги критикуваше новите регулативи за непотребните безбедносни ризици за корисниците на ајфон во Европа, велејќи дека тие ги изложуваат потрошувачите на измами и други злонамерни напади лансирани од апликации преземени надвор од неговиот екосистем.