Извештај на ОН
Извештајот на Меѓународниот панел за ресурси, кој се одржа во средината на февруари, потврдува дека експлоатацијата на природните ресурси е алармантно зголемена во изминатите 50 години, а за тоа се одговорни богатите земји. Според извештајот на Меѓународниот панел за ресурси, кој се одржа непосредно пред шестото заседание на собранието на ОН за животна средина во февруари во Кенија, се очекува експлоатацијата на природните ресурси на Земјата да се зголеми дури за 60 отсто до 2060 година, што би можело да ги забрза климатските промени и негативно да влијае на биолошката разновидност и да го зголеми загадувањето.
Експертите од различни земји во светот што учествуваа на овој панел јавно повикуваат на промена на политиките за човештвото да почне да живее во границите на своите можности и да најде начини да го минимизира влијанието врз животната средина.
Извештајот укажува на алармантно зголемување на користењето на природните ресурси во изминатите 50 години. Имено, во 1970-тите години дневно се трошеле околу 23 кг природни ресурси по човек, додека денес оваа бројка е зголемена на 39 кг по човек, а на користењето на ресурсите и нивната обработка отпаѓаат повеќе од 60 отсто од емисиите што ја загреваат планетата и 40 отсто од соединенијата што го загадуваат воздухот. На пример, експлоатацијата и преработката на биомасата (на пр. земјоделски култури и шумарство) се причина за 90 отсто од губењето на биолошката разновидност поврзана со почвата и водата и придонесуваат за создавање на една третина од емисиите на стакленички гасови. Експлоатацијата и преработката на фосилни горива, метали и неметални минерали (на пр. песок, чакал, глина) заедно сочинуваат 35 отсто од глобалните емисии.
– Климатските промени, губењето на биодиверзитетот и загадувањето се последици од неодржливата потрошувачка и производство. Мораме да работиме со природата наместо само да ја искористуваме. Намалувањето на експлоатацијата на ресурсите за мобилност, домување, храна и енергија е единствениот начин на кој можеме да ги постигнеме целите за одржлив развој и здрава планета – рече Ингер Андерсен, извршен директор на УНЕП.
Еден од заклучоците на извештајот на панелот беше дека сиромашните земји трошат шест пати помалку ресурси и генерираат 10 пати помалку климатски влијанија од богатите земји. Средно богатите земји го зголемија повеќе од двојно користењето на ресурсите во изминатите 50 години поради растот на инфраструктурата. Во исто време, потрошувачката на ресурси по жител и последиците врз животната средина во сиромашните земји останаа релативно ниски и речиси непроменети од 1995 година.