Оваа акција дојде по најавата од министерот за трговија, Ендрит Шаља, за забрана на сите производи од земјите, кои кон Косово не се однесуваат како кон република
Пазарните инспектори деновиве вршат контрола во продавниците во јужниот дел на Косовска Митровица, за да проверат дали на амбалажите на производите што доаѓаат од централна Србија има декларацијата со „Република Косово“. Контролите се за да се отстранат од промет производите што носат назнака „Косово и Метохија“, „Резолуција 1244“ или „Косово УМНИК“, пренесува „Новости“.
Белградскиот весник ја пренесува информација на приштинскиот весник „Коха диторе“, за тоа дека инспекциите пронашле стока со натписот „Косово и Метохија“. Оваа акција дојде неколку дена по најавата од министерот за трговија, Ендрит Шаља, за забрана на сите производи од земјите, кои кон Косово не се однесуваат како кон република. Директорот на одделението за инспекција во јужна Митровица изјави дека посебно се внимава да се отстранат производите што немаат ознака „Република Косово“. Некои од продавниците ги отстраниле производите што немаат соодветна декларација.
Трговската војна меѓу централна Србија и Косово продолжува. Посебно по силното лобирање на пратеникот на Демократската партија на Косово, Мемлија Красниќи, поради силниот притисок на Србија против членство на Косово во Интерпол. Тој предлага царинските давачки за српските производи да се зголемат од 10 на 25 отсто.
Министерот за трговија на Република Србија, Расим Љајиќ, за „Новости“ изјави дека нивната делегација нема да учествува на наредниот состанок на работното тело на ЦЕФТА.
– Ова значи дека никаква одлука не може да биде донесена. Сега политичарите се натпреваруваат кој ќе донесе порадикална мерка, затоа што тоа им носи политички поени. Од тоа нема никој корист и сите ја носиме економската штета. Сето тоа е на грбот на потрошувачите, кои плаќаат поскапо. Ова оди во насока за да се забранат српските производи доколку ја немаат ознаката „Република Косово“ – вели српскиот министер.
Најпродавани српски производи на косовскиот пазар се амбалажирана вода, моторни масла, бензин, шеќер и масло за јадење. Само една фабрика за масло во Србија на територијата на Косово продава 500 илјади литри и тоа е втор нејзин најголем пазар.
Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, изјави дека не постои ниедна нова одлука или уредба на приштинските власти во врска со царинските декларации. Тој рече дека засега може да се користи само ознаката „Косово“ или „Косово*“.
Стопанствениците во Србија не добиле информации за новите барања на приштинските власти. Директор на една фирма вели дека веќе се насетуваат проблемите, затоа што една компанија од Босна и Херцеговина мораше со дистрибутерот да ги намали цените за да остане конкурентна со другите производи што се пласираат на косовскиот пазар. Цените на основните намирници растат, а таксата за нив изнесува 29,5 отсто и е еднаква како и за производите од другите земји. Привилегиите што се предвидени со договорите од ЦЕФТА не важат.
Српската премиерка Ана Брнабиќ, на меѓународна конференција во Виена, реагираше на однесувањето на властите во Приштина, кои не ги почитуваат одлуките на ЦЕФТА и покачија таксите за производите од централна Србија.