Етика за млади

На секој човек додека е дете, родителите му кажуваат како да постапува. И дедовците и бабите ги советуваат внуците кои се добри нешта, за што да водат сметка и како да внимаваат да не повредуваат други луѓе со правење нешто лошо. Младите истото тоа го учат и од наставниците во градинките и во училиштата. Гледајќи телевизија, секој ќе види како некои луѓе прават некое зло и ќе знае дека не треба да се однесува така. Ако таму забележат некое добро дело, ќе им текне дека самите треба да прават така.
Секој вторник во „Колибри“ секој може да прочита текст за етика за младите и да научи какво е најдоброто постапување. Во многу книги и филмови се расправа токму за добрината и за лошотилаците, за тоа колку е потребно да се прави добро, а колку е некорисно и лошо да се прави зло. Кога читате книга или кога гледате филмови, размислувате за тоа што го гледате и се определувате за доброто наспроти злото.
Така секој ќе порасне и ќе дојде времето кога секој самиот ќе одбира што му се допаѓа и ќе го прави тоа. Исто така, умно ќе открива што е зло и од тоа ќе се откажува, а и на другите ќе им кажува да не прават така.
Кога човекот го одбира доброто, тој е сигурен дека сите луѓе сметаат дека тоа е добро и сакаат да го прават. Тоа се вика општа етика, морал за сите луѓе. Има некои разлики според различните континенти и различните човечки родови, но тие разлики не се големи – доброто си е добро секаде на светот, како што и злото секаде е зло.
Добрата мисла, добриот збор и добрата постапка се добри секогаш. Лошата мисла, грдиот збор и негативното однесување за да се повредуваат другите, секаде се зло. Затоа секој човек треба да води сметка и така да се однесува.

Автор: Проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

Животната цел на секого секогаш е иста:
да напредува во доброто.

Лав Толстој, руски писател