Германија
Околу 150 илјади демонстранти се собраа во саботата на најновиот протест пред германскиот парламент во, како што го нарекоа, „огнен ѕид“ против десничарскиот екстремизам. Меѓу демонстрантите имаше и угледни германски политичари, а целта на заедничкиот протест беше партијата Алтернатива за Германија (АфД).
„Никогаш повеќе е токму сега“, „Стоп за ширењето на омразата“ и „Рамо до рамо против фашизмот“ извикуваа демонстрантите на митинзите организирани од црковни здруженија, синдикати и организации за заштита на човековите права.
Бранот протести, кој трае речиси еден месец, започна откако медиумите објавија дека на крајот на ноември во Потсдам се одржал состанок на екстремните десничари, на кој учествувале претставници на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) и ултраконзервативното крило на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). На состанокот се разговарало за присилното иселување мигранти надвор од земјата – дури и на оние што имаат германско државјанство.
– Неонацистите, донаторите и политичарите на АфД зборуваа многу конкретно за реализацијата на протерувањето на милиони луѓе од Германија. Ова ќе биде реалност со оваа партија ако дојде до власт – вели Џанет Гуско, извршна директорка на „Коректив“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги поздрави демонстрациите.
– Ако во Германија има нешто што никогаш повеќе не смее да биде дел од општеството, тоа е националистичка и расна идеологија на нацистите. Одбивните планови за релокација од овие екстремисти се токму тоа – истакна Шолц.
Колидерката на АфД, Алис Вајдел, ги нарече обвинувањата левичарска кампања.
– Вистинските непријатели на Уставот се оние што повикуваат на забрана на партиите – рече Вајдел.